27/05/2026
На ден 21.05.2026 година учениците од четврто одделение при ООУ „Гоце Делчев“ – Гостивар реализираа едукативна и рекреативна посета на Националниот парк „Маврово“. Активноста беше организирана со цел учениците преку непосредно искуство, игра и истражување да се запознаат со природните убавини, растителниот и животинскиот свет, како и со значењето на заштитата на природата.
Во првиот дел од посетата учениците учествуваа во едукативна програма во Националниот парк „Маврово“, каде преку интерактивни активности, разговори и прошетка по детската едукативна патека во Бунец имаа можност да стекнат нови знаења за богатата флора и фауна на паркот. Учениците покажаа голем интерес, љубопитност и активно учество во сите реализирани активности. Преку вакви содржини кај нив се развива љубов кон природата, чувство на одговорност и свест за важноста од зачувување на животната средина.
Во вториот дел од посетата беше реализирана обиколка на пештерата Шаркова Дупка. Учениците одблиску се запознаа со светот на пештерите, природните процеси и специфичните природни форми кои се создаваат во нив. Посетата претставуваше вистинска мала авантура исполнета со истражување, дружење и учење на терен. Учениците со голем интерес ги следеа објаснувањата и активно учествуваа во разговорите за значењето на природното наследство и неговата заштита.
По завршувањето на едукативните активности, учениците имаа можност да уживаат во рекреативни содржини и прошетка во Маврово. Преку дружење, игра и активности на отворено се поттикна позитивна атмосфера, тимска работа и меѓусебна соработка. Насмевките, радоста и возбудата кај учениците беа доказ дека ваквите активности оставаат силен впечаток и придонесуваат за нивниот правилен психофизички развој.
Посетата беше успешно реализирана, а учениците се вратија збогатени со нови знаења, убави спомени и позитивни искуства.
Организатори на активностите се: Гордана Карафилоска , Габриела Мерџаноска и Емел Мехмеди .
Голема благодарност од името на наставниците и управата на училиштето до директорот на Национален Парк
“Маврово”Харис Ибраими кој ни
овозможи прекрасна авантура со нивните професионални водичи .