16/05/2026
ЖИВОТОТ НА ЕДЕН ПРОСЕЧЕН МАКЕДОНЕЦ
Животот на еден просечен Македонец, ако го гледаме низ призмата на статистиката (а и низ призмата на реалноста што секојдневно ја гледаме по маала, по кафани и по коментари на Фејсбук), изгледа отприлика вака…
Месечно заработува околу 30.000 денари. Или барем така вели платниот список. А месечно троши околу 40.000. И тука почнува магијата. Разликата од 10.000 денари е мистерија поголема и од Бермудскиот триаголник. Ниту самиот не знае од каде му се тие пари, ама не се ни труди да дознае. Некако „се наоѓа“, ќе се искомбинира, ќе се позајми од еден, ќе врати на друг, ќе земе на вересија, ќе се снајде. Во Македонија снаоѓањето е национален спорт, а просечниот Македонец е шампион во категорија „ќе видиме“.
Утринското кафе не му е само кафе. Тоа е ритуал. Света работа. Без кафе не се живее, без кафе не се размислува, без кафе не се планира како ќе се спасува државата. Зашто, мора да се знае: просечниот Македонец е експерт. Универзален. Сè знае. Политика? Професор. Фудбал? Селектор. Економија? Министерката не му е до колена. Војна во Украина? Аналитичар со диплома од „YouTube Академија“. Вируси? Доктор. Вакцини? Фармацевт. Психологија? Терапевт. И сето тоа без да прочитал една книга последните десет години, освен можеби упатството за користење на новиот телефон… и тоа ако било преведено на македонски.
Околу 5-6 часа дневно троши на разно-разни „експертизи“, по кафулиња, по маалски клупи и по социјални мрежи. Таму, со полна самодоверба, изнесува факти што никогаш не ги проверил и заклучоци што никој не ги побарал. Неговата реченица најчесто почнува со: „Јас да ти кажам…“ или „Види вака сега…“ и завршува со „сите се исти“ и „оваа држава нема спас“. Ако го прашаш што направил за да има спас, ќе ти каже: „Што да правам бе?“.
За образование, ситуацијата е класика. Средно едвај. Факултет ако има, често е со „помош“ од некој роднина, некој другар, некој професор што „се разбира“. И не дај Боже да спомнеш дека дипломата треба да значи знаење. Ќе те гледа како да си паднал од Марс. Кај нас дипломата е како регистарска табличка – само да ја имаш, па после ќе видиме дали колата ќе вози.
Токсичноста му е второ име. Делува на околината како расипано јаболко во гајба – не само што е расипано, туку има и амбиција да ги расипе сите други. Ако некој близок успее – тоа не е успех, тоа е „сигурно има врски“. Ако некој купи кола – „сигурно краде“. Ако некој направи бизнис – „пере пари“. Ако некој се ожени или омажи среќно – „ќе видиме до кога“. Просечниот Македонец не е среќен кога нему му е добро, туку кога на другиот му е лошо. Таа е нашата најопасна болест, а за жал најраспространета.
Летниот одмор? Тоа е обврска. Света должност. Мора да се оди во Грција. Ако не одиш во Грција, како ќе објавиш сториња? Како ќе се докажеш пред маалото? Како ќе покажеш дека си „жив“? И нормално, на одмор се оди со кредит и тоа не било каков кредит – туку кредит со камата што боли повеќе од сончаница. Но, важно е да се закачи слика со опис „My happy place“ и да се стави емотикон сонце и морски бран. И додека ужива на плажа во Халкидики, уште ги нема исплатено ратите од кредитот за Египет од пред две години, кога мораше да оди „да види пирамиди“, зашто така прават „успешните луѓе“.
Кога не е на одмор, просечниот Македонец редовно е на друго место – во „Златна Копачка“, „Спорт Лајв“, „Моцарт“, „Адмирал“… во храмовите на надежта и заблудата. Таму дневно губи по 2-3 часа гледајќи во телевизори, билтени и тикети како да се Свето писмо. Таму не оди да се коцка, неее… оди „да си ја проба среќата“. И патем, собира и овошје – банани, портокали, сливи… зашто во Македонија, коцкарницата е единственото место каде што народот верува дека ќе „собере нешто бесплатно“. Иако на крајот најчесто бесплатно собира нервоза, долгови и празен џеб.
Се носи по најнова мода. Брендови мора да има. Маичка со огромно лого, патики што светат, јакна што изгледа како да е купена од раперски спот. Ако треба ќе јаде леб и паштета, ама ќе носи „бренд“. Ќе оди гладен, ама ќе изгледа „топ“. Струјата од ЕВН му ја исклучуваат на секои три месеци, ама тоа не е проблем – ќе се среди со „врска“ и секогаш има оправдување: „Другарче, немав време да платам“. Ама време да се седи по кафани и да се игра „тикетче“ – тоа има.
Ајфонот е задолжителен моден детаљ. Ако нема ајфон, како ќе се покаже дека е „у тренд“? Како ќе снима стори од кафе? Како ќе снима селфи во лифт? Што ако дома руча макарони секој втор ден? Шпагети ако има „акција“ во маркет. Важно е телефонот да е последен модел, па макар да се плаќа на 24 рати и да се живее на минус во банка. Просечниот Македонец е богат на изглед, а сиромашен во реалност.
Неговото најголемо хоби, за жал, не е спорт, не е читање, не е патување, не е учење. Неговото хоби е озборување и тоа не обично озборување, туку мајсторско, олимписко. Забивање нож во грб на блиски роднини и пријатели, па после глумење дека „ништо не рекол“. Ако може да те понижи зад грб – ќе те понижи. Ако може да те саботира – ќе те саботира. Ако може да ти го уништи планот – ќе ти го уништи. А после ќе ти каже: „Батка, јас ти мислев добро“.
Со законите има специфичен однос. Не ги почитува – ги заобиколува. Тоа му е животна филозофија. Не гледа како да направи нешто правилно, туку како да најде дупка во прописите. Ако може да помине без ред, ќе помине. Ако може да даде „едно кафе“ за да му завршат работа, ќе даде. Ако може да паркира на тротоар, ќе паркира. Ако може да фрли ѓубре од кола, ќе фрли. И после ќе се жали дека државата е валкана и дека системот не чини.
Одење пеш? Тоа е за сиромашните. Ако нема автомобил, се вози со такси. Без разлика што зема социјална помош. „Што ќе одам пеш бе, не сум луд.“ А здравјето? Тоа ќе го решава подоцна. Ќе оди на доктор кога ќе стане критично, ќе се пожали дека докторите не чинат, ама ќе пуши по две кутии дневно и ќе јаде бурек во 10 навечер.
Сето ова, кога ќе го прочиташ, звучи како карикатура. Како шега. Како некој статус на социјалните мрежи што ќе стане вирален. Но, проблемот е што ова не е шега. Ова е реалност која ја живееме. Најстрашното е што сите познаваме неколку вакви „просечени Македонци“… а ако не познаваме, треба да се запрашаме дали можеби сме ние тие.
Затоа, Македонци, секој нов почеток – како Новата година – не е само повод за пијанка, сарма и статус „Happy New Year“. Тоа е шанса да направиме ресет. Да станеме подобра верзија од себе. Да се ослободиме од тие навики што нè влечат надолу како камен врзан за нога. Да престанеме да се фалиме со тоа што немаме дисциплина. Да престанеме да бараме виновници во сите освен во себе. Да престанеме да глумиме дека сме најпаметни на светот, а ништо да не работиме.
Да почнеме да читаме повеќе, да работиме повеќе, да мрчиме помалку. Да престанеме да се радуваме на туѓи падови и да почнеме да се инспирираме од туѓи успеси. Да не живееме за лајкови, туку за реални резултати. Да не купуваме ајфони на гладно, туку да купуваме знаење. Да не бараме „врски“, туку да бидеме вредни. Да не бараме дупки во законите, туку да градиме систем што ќе работи за сите.
Најважно од сè: да не бидеме просек. Да бидеме луѓе. Зашто Македонија не е статистика. Македонија сме ние. Ако сакаме подобра Македонија, прво мора да станеме подобри Македонци.
Јанко Билбилоски
13/05/2026
08/05/2026
23/04/2025
10/02/2025
04/11/2024
04/08/2024
03/08/2024
28/07/2024
23/07/2024
17/07/2024