07/07/2026
❤️
Со одлука на Наставничкиот совет на СОУ "Таки Даскало" - Битола, Христина Сервини, матурантка во гимназија, билингвална паралелка англиско-македонска, е избрана за Првенец на генерацијата 2022-2026.
Во текот на средното образование се истакна со континуиран одличен успех (5,00), висока одговорност, дисциплина и посветеност кон наставните и воннаставните активности. Добитник е на второ место на натпреварот МАССУМ за најдобро кариерно портфолио на државно ниво, со што ја потврди својата креативност, професионалност и посветеност во планирањето на сопствениот кариерен развој. Во текот на четиригодишното средно образование активно учествуваше на повеќе хакатони и натпревари за претприемништво и иновации низ Македонија, организирани од Junior Achievement Macedonia. Особен интерес покажува во областа на информатиката, веб-програмирањето и дигиталните технологии, а има завршено и обука за Front-End Developer. Ги сака јазиците и активно ги усовршува англискиот и германскиот јазик. Во текот на своето образование учествуваше во осум Erasmus+ младински размени и меѓународни проекти во бројни европски држави, стекнувајќи искуство во интеркултурна комуникација, тимска работа и лидерство. Активно е вклучена во волонтерски и општествено корисни активности како волонтер во Sfera International, каде учествува во младински проекти, работилници и локални настани. Во училиштето редовно придонесува во организацијата на патронати, приредби и други училишни активности. Нејзините професори ја опишуваат како одговорна, организирана, упорна и комуникативна ученичка, со изразено логичко размислување, креативност и желба за постојано усовршување. Во иднина планира да ги продолжи студиите во областа на информатичките науки и софтверското инженерство, со цел да изгради успешна професионална кариера како програмер. Со своите резултати, труд, посветеност и активен придонес во училиштето и заедницата, Христина Сервини претставува пример за успешен, амбициозен и одговорен млад човек, достоен носител на признанието Првенец на генерацијата.
Честитки за Христина Сервини и уште поголеми успеси понатаму ❤️🌷♥️✨️👌