13/12/2023
ПРВА КООРДИНАТИВНА МАКЕДОНИСТИЧКА ЛЕКТОРСКА СЕДНИЦА
на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје (на далечина)
Денес се одржа првата Координативна македонистичка лекторска седница на МСМЈКЛ при УКИМ во Скопје со цел поттикнување активна и координирана соработка помеѓу Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ во Скопје и лекторите по македонски јазик на странските универзитети.
На Свеченото отворање на седницата Поздравна реч имаше проф. д-р Александар Скепаровски, проректор за меѓународна соработка на УКИМ и иницијатор на седницата. Потоа следуваше поздравна реч на проф. д-р Кристина Николовска, директор на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје, која им се заблагодари на членовите на Советот на Меѓународниот семинар и на лекторите македонисти од целиот свет, нарекувајќи ги АМБАСАДОРИ НА МАКЕДОНИСТИКАТА – јазична, книжевна и културна. Директорката изрази благодарност и почит кон влогот и поддршката на Меѓународниот семинар на проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на УКИМ и ги пренесе нејзините поздрави до присутните.
Потоа следеа обраќања на членовите на Советот на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје: проф. д-р Наташа Аврамовска, директор на Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје, проф. д-р Симон Саздов од Катедрата за македонски јазик и проф. д-р Јасна Котеска од Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје и проф. д-р Веселинка Лабровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при УКИМ во Скопје и член на МАНУ.
Потем следеа опсежни и студиозни обраќања на лекторите македонисти: м-р Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик на Институтот за ориентални јазици „ИНАЛКО“ во Париз, Р Франција, м-р Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Универзитетот „Етвеш Лоранд“ во Будимпешта, Р Унгарија, потоа свое обраќање имаше лекторката по македонски јазик Елена Ѓорѓиовска која работи на Факултетот за странски јазици и литература, Универзитет во Букурешт, Р Романија, потоа се обрати м-р Биљана Стојановска, лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ријека, Р Хрватска, потоа настапи м-р Христина Ангелеска-Мијоска која е лектор на МДУ „Ломоносов“ во Москва, Руска федерација. Потоа следуваше обраќањето на м-р Елена Мицевска-Змејкоска која е лектор по македонски јазик на Јагелоњски универзитет во Краков, Р Полска, потем се обрати Рената Пенчова, лектор по македонски јазик на Универзитетот за странски јазици во Пекинг, НР Кина и на крајот се обрати новоизбраната лекторка по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, Р Албанија, д-р Славица Свидерска. Лекторката д-р Габриела Ивановска од Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет во Р Турција имаше настава во тоа време. Приусутните ги поздрави и м-р Евдокија Илијевска, помлад соработник за деловно работење на Меѓународниот семинар.
На седницата, од страна на лекторите имаше комплексни, аналитички и сеопфатни искажувања за актуелните состојби на лекторатите на странските универзитети и севкупната високообразовна-културна и дипломатска дејност на лекторите, кои во целост ја доловија состојбата, ги изнесоа начините на работа, технологиите и методологиите на работа, се дискутираше за предметните програми, за литературата по која се работи, за условите за работа во лекторатите низ светот, за културни настани кои се афирмација на македонската култура, за соработката со амбасадите и со претставниците на македонските здруженија и македонската дијаспора низ светот.
Импресивна, студиозна, посветена дејност на лекторатите и на Катедрите по македонистика на универзитетите во светот - јасна визија, одлични активности, проактивност, поставени цели, отвореност за соработка и колегијалност, свест за постојните предизвици но и јасно покажани визии на ГОЛЕМИТЕ МИСИОНЕРИ НА МАКЕДОНИСТИКАТА ВО СВЕТОТ – „зрачеше“ од секое студиозно обраќање, субилмирање и изнесување на став на АМБАСАДОРИТЕ НА МАКЕДОНИСТИКАТА ВО СВЕТОТ.
Великанот Блаже Конески би ја препознал ГОЛЕМАТА МИСИЈА НА „ЕДНО МОЌНО РАЗДВИЖУВАЊЕ“, понесена од патроните на најстариот, угледен и репрезентативен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје - епохалните просветители и првоучители и нивните првоученици поведени од мисијата на Св. Климент Охридски, Св. Наум Охридски и нивните верни ученици и следбеници.
Реки, реки знаења, искуство, но и желба, искрен ентузијазам, јасни визии за македонистиката – јазична, книжевна и културна која лекторите македонисти кои работат при МСМЈЛК при УКИМ во Скопје ја „посеваат“ насекаде низ светот. Нивните училници, но и нивните богати визии со јасни концепти за НАШАТА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИСТИЧКА МИСИЈА СЕ ИЗВОРНИЦИ ОД КОИ КОИ ТЕЧЕ МИСИЈАТА НА МАКЕДОНИСТИКАТА ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ, НА КУЛТУРНИОТ И ДИПЛОМАТСКИОТ ЖИВОТ.
Мисијата на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје значи – отворени врати, постојано отворање на мрежата на соработка и развивање на македонистичка јазична, книжевна и културна дејност која гради нови и нови мостови и ја шири светлината на науката, оти наука е врвно осветлување.
Нека е вечна мисијата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и лекторатите и Катедрите по македонистика низ светот – ЗАЕДНО СМЕ, КОН ПОСТАВЕНИТЕ ЦЕЛИ И ВИЗИИ.
Скопје, 12.12.2023.
проф. д-р Кристина Николовска
Директор на меѓународниот семинар за
македонски јазик, литература и култура
при УКИМ во Скопје