22/05/2026
Ликовна академија при Универзитет „Гоце Делчев“, Штип учествуваше на изложбата „Професори и студенти“, која беше отворена на 20 мај 2026 година, во Младински културен центар во Скопје. Годинешното издание на изложбата е посветено на темата „Образовна екологија: помеѓу менторството, трансдисциплинарноста и современата уметност“, а на неа свои дела претставија професори и студенти од повеќе високообразовни институции од областа на визуелните уметности и дизајнот.
Покрај Ликовната академија, на изложбата учествуваа и Европски универзитет – Скопје, Интернационален Балкански Универзитет, Универзитет „Мајка Тереза“ и Американски универзитет на Европа – ФОН.
Ликовната академија беше претставена од професорите Јана Јакимовска, Јордан Ефремов и Слободан Милошески, заедно со студентката од прв циклус студии Слободанка Лазаровска и студентите од втор циклус студии Стефан Анчевски, Стефан Димовски и Миа Ефремова, кои пред публиката ги претставија своите уметнички дела.
Изложбата ја истражува улогата на современото уметничко образование и односот помеѓу професорот и студентот како простор за размена на идеи, критичко размислување и креативна трансформација. Според концепцијата на изложбата, уметничкото образование не претставува само техничко усовршување, туку процес на создавање нови начини на гледање и разбирање на светот преку современите уметнички практики.
Организацијата и концепцијата на изложбата се на проф. м-р Страхил Петровски, додека дизајнот е на Петар Новковски. Изложбата е организирана од Младинскиот културен центар во соработка со Град Скопје.
05/05/2026
ИНФОРМАЦИЈА ЗА РЕАЛИЗИРАНА ЕКСКУРЗИЈА
Студентите од Ликовната академија реализираа едукативна екскурзија на 29.04.2026 година, која претставуваше исклучително инспиративно и значајно искуство во нивниот процес на стручно и уметничко усовршување.
Во рамките на посетата беа разгледани значајни уметнички поставки во Музејот на современа уметност, Националната галерија, Музејот на револуционерната борба и Музејот на град Скопје, при што студентите се запознаа со различни уметнички изрази и културно-историски контексти.
Во Музејот на современа уметност беше посетена изложбата на откупени дела, која понуди увид во значајни примери од современата уметничка продукција. Во Чифте амам беше разгледана изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“, во која преку уметнички дела се интерпретираат елементи од традиционалната култура и етнографското наследство. Во Даут пашин амам, пак, студентите ја разгледаа сталната поставка, што овозможи подлабоко запознавање со значајни дела од македонското културно и уметничко наследство.
На сите локации студентите беа пречекани и стручно водени од професионални кустоси, кои со јасни, прецизни и содржајни објаснувања придонесоа за поцелосно разбирање на изложените содржини и нивниот уметничко-историски контекст.
На самиот крај на екскурзијата, студентите имаа исклучителна можност во Музејот на град Скопје да ја посетат изложбата „Експериментален цртеж“, во организација на ДЛУМ, која дополнително го збогати нивното визуелно и творечко искуство.
Екскурзијата се одвиваше под стручното водство на проф. Слободан Милошески и проф. Јордан Ефремов, кои со своето ангажирање придонесоа за нејзината успешна реализација.
15/09/2025
Ликовната академија при Универзитет "Гоце Делчев" - Штип, има потреба од ангажирање на женски модел, за потребите на изведување на наставниот процес за зимскиот семестар за академската 2025/26 година.
Заинтересираните за пријавување може да го контактираат секретарот на фaкултетот м-р Маргарета Алчинова
Email: [email protected]
04/07/2025
Денес на 117 седница на ННУС на Ликовната академија, беше избран новиот декан на единицата. Тоа е проф. д-р Слободан Милошески, кој ќе ја раководи Ликовната академија во наредниот тригодишен период. Наставно-научниот и уметнички совет искрено му честита на колегата Милошески и му посакува успешна и плодна работа на новоизбраниот декан.
22/05/2025
"МЕЃУ УМЕТНОСТА, ТЕХНОЛОГИЈАТА И НАУКАТА- СТОИ ВИЗИЈАТА НА НОВОТО ВРЕМЕ"
Денес на Ликовната Академија при Универзитетот "Гоце Делчев" во Штип, се отвори Годишната изложба на трудови изработени од студентите на Ликовната Академија, Технолошко- техничкиот факултет и Факултетот за Природни и Технички науки при Универзитетот "Гоце Делчев"- Штип, во академската 2024/2025 год.
Оваа презентација на студентите, заедно со нивните ментори-професорите и разновидноста на претставените дела, ја потврдува нашата заложба за поврзување на уметноста со технологијата, на науката со дизајнот- како начин на проширување на границите на современото творештво. Секое презентирано дело на изложбата, носи личен печат, истражување и посветеност. Тие се резултат на студиска дисциплина, но и храброст да се експериментира, да се поставуваат прашања и да се понудат нови визии. Студентите на свој начин, ја спојуваат идејата, со формата, емоцијата со конструкцијата, а традицијата со современите изрази. Со тоа се потврдува дека вистинското образование не завршува во рамките на една дисциплина, туку се остварува токму таму каде што тие се среќаваат, надополнуваат и меѓусебно се предизвикуваат.
16/05/2025
На третиот ден од фестивалот на уметноста, кој се одржува на Ликовната академија при Универзитетот "Гоце Делчев" во Штип, со наслов "Ликовна визија", денес предавање и мастер клас одржа академскиот сликар и графичар Виктор Семенпеев, кој дипломирал на отсекот за графика на Ликовната академија во Нови Сад, Р. Србија, а доаѓа од многу успешната и етаблирана графичка работилница Софија-Богданци. Студентите од Ликовната академија и младите талентирани средношколци, самите лично секој поединечно, отпечатија по неколку дела, во една од графичките техники. По реализираниот мастер клас, се организираше изложба од создадените дела. Студентите беа особено задоволни од здобиеното искуство во учеството на овој настан. Во работата беа вклучени и професорите од Ликовната академија при Универзитетот " Гоце Делчев" во Штип.
Со тоа доста успешно се финализираше овој тридневен фестивал на уметноста.
15/05/2025
На вториот ден од тридневниот фестивал на уметноста, со наслов "Ликовна визија", на Ликовната академија при Универзитет "Гоце Делчев" во Штип, се одржа предавање и мастер клас на академскиот сликар и професор Мирон Мутаовиќ од Белград Р. Србија, професор на Факултетот на Уметноста во Ниш-Србија. Студентите од Ликовната академија и младите талентирани средношколци, изработија по неколку дела во техниките масло и акрил на платно и на други подлоги, инспирирани од старогрчките и староримските антички скулптури, потоа мотиви со мртва природа, фигуративни композиции, и сл. Од страна на професор Мутаовиќ им беше презентирана, постапката на градење на едно ликовно дело, почнувајќи од припремната фаза, преку потсликување, градење на делото, па се до негова финализација. По реализираниот мастер клас, се организираше изложба од создадените дела. Студентите беа особено задоволни од здобиеното искуство во учеството на овој настан. Во работата беа вклучени и професорите од Ликовната академија при Универзитетот " Гоце Делчев" во Штип.
14/05/2025
Денес на Ликовната Академија при Универзитетот "Гоце Делчев" во Штип, се отвори тридневниот фестивал на уметноста, со наслов "Ликовна визија". Во рамките на фестивалот се одржа предавање и мастер клас на академскиот графичар и виш конзерватор Ристе Крмов, каде што беа изработени и отпечатени графики во техниката линорез. На фестивалот беше отворена изложбата со наслов "Корените и крилјата на уметноста", на која беа претставени изработени модели од студентите на Технолошко- техничкиот факултет, под менторство на професорите: проф. м-р Ванѓа Димитријева Кузманоска, проф. д-р Сања Ристески, проф. д-р Соња Јордева, проф. д-р Силвана Жежова, проф. м-р Јордан Ефремов и проф. д-р Сашка Голомеова Лонгурова. Изложбата ја отвори деканот на Ликовната академија проф. д-р Петар Намичев и проф. м-р Ванѓа Димитријева Кузманоска, која ги образложи моделите претставени во поставката. На крај во просториите на Академијата, беше организирана изложба од отпечатените графики изработени од студентите.
08/04/2025
Зошто да студирам Ликовна Академија на УГД Штип
Академска година 2025/26
Во прилог е брошура на Ликовната Академија при Универзитет Гоце Делчев Штип!
- Акредитација на студиски програми од прв и втор циклус!
- Можности за студирање
- Наставен кадар
17/10/2024
Започнуваме со изложбени активности на студентите од втор циклус на Ликовна академија. На 24.10.2024 во 12 часот во просториите на академијата ќе го имаме задоволството да видиме дел од илустрациите за деца на нашата студентка Јована Трајанова.