19/05/2026
Завршена првата генерација на Creative Youth Academy — четворица учесници веќе вработени!
Вчера во Скопје беше промовирана првата генерација на Creative Youth Academy — практична програма за млади креативци развиена од BDG Agency во партнерство со Sharper B2B од Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада и British Council преку Фондот за развој на креативни вештини Западен Балкан – Обединето Кралство.
На академијата учествуваа 20 млади луѓе на возраст од 18 до 30 години, избрани од над 60 пријавени кандидати. Низ интензивен двонеделен почетен дел и тримесечно менторство водено од професионалци од Македонија и Обединетото Кралство, учесниците минаа низ четири области од креативната индустрија — визуелен дизајн и брендирање, видео продукција, креативна стратегија , како и работа со клиенти и водење проекти.
Програмата e директен мост помеѓу образованието и реалните потреби на индустријата. Во завршната фаза, учесниците поделени во тимови работеа во опкружување кое целосно ја симулираше работата во професионална агенција.
Најсилниот резултат е мерлив: четворица учесници веќе се вработија во креативната индустрија уште пред официјалното завршување на програмата — стапка на вработување од 20 проценти и конкретен доказ дека инвестицијата во млади таленти дава реален одраз на пазарот на труд.
На настанот свое обраќање имаа Жарко Димитриоски, ко-основач и креативен директор на BDG Agency, Daniel Fieller, заменик-шеф на мисијата при Британската амбасада, Clare Sears актуелна директорка на British Council за Србија и Западен Балкан, Eilidh Hamilton - идна директорка на British Council за Србија и Западен Балкан како и Russ Powell, основач на Sharper B2B.
Creative Youth Academy продолжува и во иднина, со амбиција моделот да се прошири регионално низ Западен Балкан, преку соработка со партнери од соседните земји.
British Council British Council North Macedonia