11/06/2026
🛡️ Предметот Ветеринарна имунологија претставува основа за разбирање на одбранбените механизми на организмот.
🧫 Студентите се запознаваат со клетките, ткивата и органите на имунолошкиот систем, како и со видовите имунитет и механизмите на имунолошкиот одговор, и ги изучуваат имунопатолошките состојби, како автоимуни заболувања, преосетливост и имунодефициенции, како и туморската и трансплантациската
имунологија.
🔬 Посебен акцент е ставен на примената и интерпретацијата на имунолошките и серолошките тестови во дијагностика на инфективни заболувања – знаење клучно за секој иден доктор ветеринарна медицина.
09/06/2026
🧪 Со предметите Микробиологија 1 и Микробиологија 2, студентите навлегуваат во светот на микроорганизмите и нивната улога во појавата на болести.
🦠 Во рамките на Микробиологија 1, фокусот е насочен кон вирусите – нивната структура, генетика, репликација и интеракција со клетката домаќин, како и болестите што ги предизвикуваат.
🧫 Наспроти ова, во предметот Микробиологија 2 студентите ги изучуваат бактериите и габите, нивниот метаболизам, начин на размножување и значење во ветеринарната медицина и зоонозите.
🔬 Преку лабораториската работа во тек на практичната настава, студентите се оспособуваат за изолирање и идентификација на микроорганизми, примена на серолошки и молекуларни методи и интерпретација на резултатите – клучни вештини за дијагностика и пракса.
05/06/2026
„Безбедна храна – здрави луѓе. Наука, знаење и одговорност во служба на општеството.“ - Светски ден на безбедноста на храната, 7 Јуни.
Секоја година на 7 Јуни, светот го одбележува Светскиот ден на безбедноста на храната, воспоставен од Генералното собрание на Обединетите нации и поддржан од Светската здравствена организација (WHO) и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (FAO). Овој ден има за цел да ја подигне свеста за значењето на безбедната храна како основен предуслов за заштита на здравјето на луѓето, економскиот развој, одржливото земјоделство и благосостојбата на општеството.
Годинешното одбележување се одвива под мотото „Од товар кон решенија – безбедна храна насекаде“ кое ја нагласува потребата од примена на науката, иновациите и меѓусекторската соработка за намалување на ризиците поврзани со храната и обезбедување сигурни и одржливи системи за производство и снабдување со храна. Истовремено, останува актуелна и глобалната порака дека „Безбедноста на храната е сечија грижа“ бидејќи секој учесник во синџирот на храна – од примарното производство до крајниот потрошувач – има важна улога во зачувувањето на нејзината безбедност.
По повод Светскиот ден на безбедноста на храната, Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје ја истакнува својата посветеност кон унапредувањето на безбедноста и квалитетот на храната, заштитата на јавното здравје и развојот на современи научни и стручни решенија во согласност со принципите на концептот „Едно здравје“ (One Health).
Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје има клучна улога во обезбедувањето на безбедноста на храната преку едукација на идните доктори по ветеринарна медицина, научноистражувачка работа, лабораториски испитувања и поддршка на националниот систем за контрола на храната. Нашите наставници, истражувачи и студенти активно придонесуваат во следењето и контролата на биолошките, хемиските и физичките опасности во синџирот на исхрана – од фарма до трпеза.
Како високообразовна, научна и стручна институција со повеќедецениска традиција, Факултетот континуирано работи на развој на современи знаења и практики во областа на безбедноста и квалитетот на храната, заштитата на јавното здравје и концептот „Едно здравје“, кој ја нагласува нераскинливата поврзаност помеѓу здравјето на луѓето, животните и животната средина.
Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје е првата високообразовна институција во Република Македонија акредитирана согласно стандардот МКС EN 17025:2018 уште во 2008 година и претставува препознатлив центар на академска извонредност, наука и стручност во областа на ветеринарната медицина и безбедноста на храната.
Со современа инфраструктура, високо специјализирани и опремени лаборатории, широк опсег на акредитирани методи и компетентен наставен и истражувачки кадар, Факултетот обезбедува значајна научна и експертска поддршка на институциите задолжени за заштита на јавното здравје и безбедноста на храната.
Особено значајно е што Факултетот ја помина предевалуацијата (pre-visitation) на Европската асоцијација на установи за ветеринарно образование (EAEVE), што претставува потврда за политиката на факултетот кон усогласеноста на наставните програми, научноистражувачката работа, клиничката обука и инфраструктурните капацитети со европските стандарди за ветеринарно образование. Овој успех е важен чекор кон целосна европска евалуација и дополнително ја зацврстува меѓународната препознатливост на Факултетот.
Преку својата образовна, научна и стручна дејност, Факултетот активно придонесува за унапредување на националниот систем за безбедност на храната, спречување и контрола на болестите кај животните, заштита на потрошувачите и зачувување на државните интереси во областа на ветеринарното јавно здравство.
Водени од принципите на професионалност, научна заснованост и општествена одговорност, остануваме посветени на нашата мисија – секогаш во служба на јавното здравје, безбедната храна, благосостојбата на животните и доброто на граѓаните.
05/06/2026
🏆 Благодарница за Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје
По повод одбележувањето на 15 години од основањето на Агенцијата за храна и ветеринарство, на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје му беше доделена благодарница од страна на директорот на Агенцијата, како признание за придонесот во развојот на ветеринарната медицина, безбедноста на храната и заштитата на јавното здравје.
Изразуваме искрена благодарност до Агенцијата за хранa и ветеринарство за ова признание, кое претставува потврда за долгогодишната посветеност и работа на нашиот факултет.
Оваа благодарница им ја посветуваме на сите наши студенти, дипломирани доктори по ветеринарна медицина, професори, соработници и вработени кои низ годините придонесуваат за развојот на ветеринарната професија во земјата и во странство.
Преку својата работа во ветеринарната пракса, државните институции, индустријата за храна, науката, академската заедница и меѓународните организации, докторите по ветеринарна медицина се најдобриот доказ за квалитетот, знаењето и вредностите што ги негува Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.
Тие се чувари на здравјето на животните, безбедноста на храната и јавното здравје, наши амбасадори и наша најголема гордост.
👏 Честитки и благодарност до сите кои се дел од успешната приказна на ФВМС!
04/06/2026
🌿 Предметите Анимална хигиена 1 и Анимална хигиена 2 се фокусираат на врската помеѓу околината, здравјето и благосостојбата на животните.
🌤️ Студентите имаат можност да се запознаат со климатските и микроклиматските услови, квалитетот на воздухот, водата, почвата и храната, како и со современите биосигурносни мерки – дезинфекција, дезинсекција, дератизација.
🌍 Во рамките на предметот, се изучуваат и принципите на екологијата, влијанието на сточарството врз животната средина, како и правилното планирање и уредување на објекти за животни.
🌱 Практичната настава овозможува примена на знаењето преку мерење на условите, контрола на штетници, примена на хигиенски стандарди и управување со отпад.
🐾 Овие предмети ги подготвуваат студентите за одговорно и одржливо работење во ветеринарната пракса.
04/06/2026
📍 Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје на 39. Генерално собрание на EAEVE во Барселона
Делегација од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, предводена од деканот проф. д-р Деан Јанкулоски, учествуваше на 39. Генерално собрание на Европската асоцијација на високообразовни установи за ветеринарна медицина (EAEVE), кое се одржа на 28 и 29 мај 2026 година на Универзитетот во Барселона.
Во рамките на состанокот на Регион 8 беше презентиран проектот VETCOM – Reaching Beyond Borders: Enhancing Communication and English Proficiency in Veterinary Medicine Education, координиран од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, во партнерство со Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот во Загреб и ATLAS Language School од Ирска.
Генералното собрание претставуваше значајна можност за размена на искуства и добри практики помеѓу европските факултети за ветеринарна медицина. Посебен акцент беше ставен на обезбедувањето квалитет во високото образование, иновациите и дигиталната трансформација во наставата, како и улогата на вештачката интелигенција во развојот на ветеринарната професија.
Учеството на ФВМС на овој значаен настан претставува потврда за нашата посветеност кон континуирано унапредување на ветеринарното образование, меѓународната соработка и следењето на современите европски трендови во образованието и науката.
#
02/06/2026
🐄 Со предметите Општо и Специјално сточарство, студентите се запознаваат со системите на одгледување и унапредување на домашните животни.
🐑 Во рамките на предметите, студентите ги изучуваат главните сточарски гранки (говедарство, овчарство, козарство, свињарство, живинарство и коњарство), нивните биолошки и производствени карактеристики.
🧬 Посебен акцент е ставен на генетиката, селекцијата и факторите кои влијаат врз продуктивноста и квалитетот кај животните.
🚜 Преку практична настава, студентите стекнуваат применливи вештини за препознавање на екстериерот и раси на животни, како и избор на соодветни системи на одгледување.
28/05/2026
🐾 Со предметите Физиологија на животните 1 и Физиологија на животните 2, студентите го изучуваат функционирањето на организмот – од клеточно ниво до системска координација.
🧠Во предметот Физиологија на животните 1, се обработуваат основните механизми на хомеостаза, вклучувајќи го нервниот, ендокриниот и мускулниот систем, како и репродуктивната физиологија.
🫁Преку предметот Физиологија на животните 2, студентите го надградуваат своето знаење со изучување на кардиоваскуларниот, респираторниот, дигестивниот и уринарниот систем, како и метаболизмот на животните.
🛡️Преку интерактивна и практична настава, студентите се стекнуваат со знаења кои се основа за идната ветеринарна професија.
26/05/2026
🌾Предметите Општа и Специјална Исхрана на домашните животни им овозможуваат на студентите да разберат дека храната претставува клучен фактор за здрав и продуктивен живот на животните.
🔬 Во рамки на предметите се изучуваат различните видови храна, нивниот хемиски состав, како и нивната хранлива, сварлива и биолошка вредност.
🐄 Особено внимание се посветува на потребите на животните за хранливи материи во различни фази од животот и производството.
🧪 Преку практичната настава, студентите го совладуваат начинот за земање мостри, анализа на храната, составување и корекција на оброци за различни видови и категории на животни, како и за вршење хигиенска проценка.
🛡️ Дополнително, теренските активности и посетите на објекти за производство на добиточна храна им овозможуваат да стекнат реална слика за примената на стекнатото знаење во пракса.