07/07/2026
🌍🇲🇰 Со голема гордост ги споделуваме успесите на нашата делегација од 40. Годишната конференција на Caretakers of the Environment International (CEI) 2026 во Фетие, Турција!
Во текот на една незаборавна недела, нашата делегација, предводена од долгогодишниот координатор, професорката Катерина Хаџи-Илоска Спировска, со физичко присуство и онлајн учество, достојно ја претстави Македонија во сите конференциски активности, потврдувајќи дека знаењето, креативноста и тимската работа немаат граници.
🎶 На Cultural Night, македонскиот музички настап ја воодушеви публиката и ја подигна на нозе, а на Food & Fun Market македонскиот штанд со традиционална храна и сувенири привлече големо внимание и бројни пофалби за автентичната презентација на нашата култура и традиција.
🌱 Со голем успех беа претставени проектите „EcoScope Macedonia – Observing Nature, Inspiring Change“ и „Eco-Odyssey Skopje: Play, Discover, Experience!“.
Проектот „EcoScope Macedonia – Observing Nature, Inspiring Change“, реализиран од Меглена Василевска, Андреа Боризовска, Јована Стојковска , Лилјана Чучук и Илија Соколов, под менторство на професорките Елизабета Поповска и Виолета Толева, привлече особено внимание со иновативната макета, а темата и концептот на проектот отворија можности за нови меѓународни партнерства и идни заеднички соработки.
Проектот „Eco-Odyssey Skopje: Play, Discover, Experience!“, реализиран од Калина Китанова, Горјан Календар, Михаела Ивковска , Елена Петреска и Олег Ичоќаев под менторство на професорките Драгица Јанкуловска и Анастазија Белевска Велчовска, беше успешно презентиран и во онлајн програмата на конференцијата, добивајќи позитивни критики и одличен фидбек од меѓународните учесници.
✨ Посебно сме горди што победничкиот дизајн на логото на групите во кои беа распределени учениците за време на конференцијата беше дело на нашата ученичка Андреа Боризовска. Нејзината креативност и талент беа препознаени и избрани како официјален симбол на групите, што претставува уште едно значајно признание за нашата делегација и уште еден повод за гордост. 🎨🏆🇲🇰
🏆 Круна на нашиот настап беше освоената Прва награда – „Most Inspiring Poster“ за проектот „EcoScope Macedonia – Observing Nature, Inspiring Change“, доделена по гласањето на околу 260 учесници, во конкуренција од околу 30 постери.
💚 Конференцијата ни донесе нови знаења, инспирација, меѓународни пријателства и вредни искуства кои ќе бидат поттик за уште поголеми успеси во иднина.
👏 Искрени честитки до сите ученици и нивните професори-ментори за извонредниот успех и за достоинственото претставување на СУГСГ „Орце Николов“ и Македонија! 🇲🇰🌍