Детскиот културен центар „Карпош" од Скопје е најстара детска установа која го организира слободното време на децата во воспитно, образовна и творечка работа. Користејќи ги досегашните искуства, искуствата на прогресивните детски институции во светот, начелата на Конвенцијата за правата на детето, како и определбите на нашиот образовен систем, „Карпош” настојува, со своите програмски активности, да биде секогаш во редот на авангардните институции на нашето општество, а посебно кај најмладата генерација.
Програмските активности имаат за задача да ги развиваат природните склоности и дарби на децата, да ги прошируваат нивните потенцијали и сознанија, да ги развиваат способностите во сите области на творештвото и играта, да го развиваат другарството, пријателството и солидарноста, но и да обезбедуваат основа за слободно мислење и критично оценување кај најмладите.
„Карпош” спаѓа во редот на првооснованите институции од ваков вид во нашата држава. За својата работа добил многу признанија, награди, како во земјата така и во светот. Под знамето „Карпошовци" минаа бројни генерации кои во Центарот за прв пат се сретнаа со дејностите од областа на културата, уметноста, науката и техниката и се вклучија во општествените форми и содржини на работа што се најпогодни за откривање на потенцијалните и креативни способности на децата.
Центарот, својата активност ја одвива низ непосредна работа со децата, низ која ги задоволуваат своите интереси, ги развиваат своите склоности и способности, ги прошируваат знаењата. Заради тоа програмата на Центарот настојува да ги задоволи сите потреби нудејќи проверени и афирмативни форми на активности.
ДЕТСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР КАРПОШ некогаш познат како Пионерски дом Карпош постои повеќе од 70 година.
Присутни се и многу ЈАВНИ АКЦИИ И МАНИФЕСТАЦИИ, ПРОЕКТИ ...преку кои годишно индиректно се опфаќаат околу 100.000 деца.
Центарот е организатор на: Меѓународниот детски фолклорен фестивал ОРО БЕЗ ГРАНИЦИ и ФЕСТИВАЛОТ ЗА КЛАСИЧНА ГИТАРА ТРЕМОЛО, СНЕЖЕН ГРАД, ГО ГРАДАМ МОЈОТ ГРАД, ЦРТАЊЕ НА АСФАЛТ, ПЕАМ И ИГРАМ ЗА МОЈАТА МАЈКА,РАБОТИЛНИЦИ ЗА КРЕАТИВНО МЕНТОРСТВО, ЗОО АЗБУКА, РАЗВИВАМЕ И ГРАДИМЕ МЛАДИ ТАЛЕНТИ, ИНСТРУМЕНТИТЕ НА МОИТЕ ПРЕДЦИ, РАСПЕАНИ ДЕТСКИ ХОРЧИЊА-ГЛАСОТ НА ДЕЦАТА НА СКОПЈЕ, ЧИТАЧКИ МАРАТОН,ФЕСТИВАЛ ЗА КЛАСИЧЕН БАЛЕТ И ТАНЦ...За својата работа Детскиот културен центар Карпош добил многу признанија:
1. Курир Јовица
2. Борис Кидриќ
3. Благодарница од Јосип Броз Тито
4. Признание од РС за грижи и воспитување на децата
5. Статуета ТИТО од ЈНА
6. Посебно признание од ДР Виетнам
7. Голем бокал на Париз
8. Плакета од РАДОСТ НА ЕВРОПА
9. Посебно признание од ЈФД во Шибеник
10. Златна плакета од РС за безбедност во сообраќајот
11. Наградата 13 НОЕМВРИ на град Скопје
12. Голем пехар на Канада
13. Признание за Општествена одговорност
Детското фолклорно студио најдостојно ја презентираше Македонија во: Америка, Канада,Тајван, Јапонија, Мартиник, Порторико и сите земји од Европа.
Во Детскиот културен центар „Карпош“ своите први чекори ги направија:
Симон Трпчевски, Александар Лековски, Маја Грозданова-Панчева, Коле Ангеловски, Зафир Хаџиманов, Натка Пенушлиска, Јове Кекеновски, Милан Зафков, Наталија Грубовиќ, Дејан Лилиќ, Слободан Унковски, Славка Младеновска, Зоран Марковски, Мартин Вучиќ, Александар Ристевски-Принц, Стевче Стојковски, Љупчо Трајковски-Фис, Елена Ристевска.