Државното училиште за физичка култура "Методи Митевски-Брицо" од Скопје се наоѓа
на улица “ Железничка” б.б, во општината ,,Центар,,.Тоа е единственото училиште во државата во кое се воспитуваат и образуваат ученици кои го негуваат спортот, ученици на кои спортот им е животна определба, или пак се љубители на спортот и рекреацијата. Наставата во училиштето се одвива на македонски и албански наставен јазик, а во училиштето наставата ја следат ученици од територијата на целата држава.
Државното училиште за физичка култура ,, Методи Митевски – Брицо,, е основано со решение на Комитетот за физичка култура при владата на НРМ бр.153 од 16.01.1950 год. како прво училиште кое подготвуваше наставен кадар од областа на физичкото и здравственото воспитание, т.е. учители по физичко и здравствено воспитание. Тоа е прво училиште за наставен кадар во Н.Р.М. во кое школувањето траеше четири години. Основањето на училиштето е последица на динамичниот и брз развој на училишната мрежа и физичката култура во Републиката, како и од потребата од наставен кадар од ова подрачје.
Во текот на своето повеќе од шест децениско постоење училиштето секогаш во прв план ја имаше заложбата максимално да одговори на потребите на општеството образувајќи и воспитувајќи висококвалитетни кадри кои достојно ја претставуваа државата на сите нивоа (балканско,европско, светско и олимписко ниво).
Современиот развој и потребата за квалитетно средно образование кое ќе обезбеди солидна вертикална и хоризонталан проодност на училиштето доведе до размислување за трансформација на училиштето во спортска гимназија, така што истата е направена со решение на Министерот за образование и наука бр.11-4186/2 од 19.07.2005 год.
Со трансформацијата на училиштето во посебна стручна гимназија се надминаа проблемите со кои подолго време се среќаваа учениците и вработенитe, како што се застарените наставни програми, така што наставниот план за спортска гимназија како флексибилен овозможува современа образовна програма која треба да ги задоволи потребите на поединците, високото образование, пазарот на трудот и општеството.
По завршувањето на првата генерација на ученици по наставниот план за спортска гимназија училиштето направи анализа и согласно резултатите поведе иницијатива за измени и дополнувања на наставниот план за спортска гимназија и истите беа донесени во 2010 год. така што учениците кои се запишаа во прва година во учебната 2010/2011 работеа според новиот, изменет и дополнет наставен план за спортска гимназија.
Во сите активности во организација на Сојузот на училишен спорт, МОК ,Сојузот на спортови и други спортски асоцијации, учениците од училиштето земаат масовно учество, со што физичката култура во градот и Републиката се издигнуваат на повисоко ниво, а училиштето е прогласено за најквалитетен и најмасовен учесник во сите спортски манифестации и натпревари.
Покрај учеството во масовните спортови, во училиштето се воспитуваат и образуваат истакнати спортисти во индивидуалните спортови, чии резултати ги надминуваат државните граници, така што во училишните клупи поминале или минуваат голем број балкански и европски асови, како и учесници на Олимписки игри. Програмска заложба на училиштето е во следните години преку заедничка соработка со сите спортски асоцијациида се создаваат квалитетни и пред се образовани кадри, кои достоинствено ќе ја претставуваат нашата држава во светот, а истовремено ќе се влијае врз постојано елиминирање на сите негативни појави кои го следат спортот.
Сите активности во училиштето се здрава основа за изградба на психофизички силна личност, со здраво тело и здрав дух, а истовремено широка пропаганда и превентива во борбата против големите зла на човештвото: алкохолизмот, наркоманијата, никотиноманијата и др.
МАТЕРИЈАЛНО - ТЕХНИЧКИ УСЛОВИ
Училиштето располага со училишна зграда со училишен двор, две спортски сали со 5 гардероби, отворени спортски терени (атлетска патека од 100м, кошаркарско игралиште, ракометно игралиште и одбојкарско игралиште ), две јами за скок во далечина, четири кругови за фрлање ѓуле,2 магацини за спортски реквизити и архива, библиотека со читална, кабинет за теоретска настава за четврта год, кабинет по математика и информатика, наставничка канцеларија, 4 административни канцеларии, 15 училници и сендвичара во склоп на училишната зграда.
Оваа учебна година училиштето ќе работи во три смени, во една смена паралелките на македонски наставен јазик во втора смена со Факултетот за физичка култура, а во смена заедно со Факултетот за физичка култура ќе работат паралелките на албански наставен јазик, со тоа што преку клизно работно време ќе се реши наставата по стручните предмети така што со настава во салите нема да се влезе во смената на факултетот.
Трета смена ( меѓу смена ) за специјализираните паралелки за ракомет, фудбал, кошарка и тенис/
За теоретската настава ќе се користат училниците на катот и училниците надвор од зградата кои не ги користи факултетот за физичка култура воопшто.
За наставата по пливање ќе се користи Олимпискиот базен или базенот Младост во во Карпош во зависност од условите кои ги нудат. Училишниот простор е максимално искористен за одвивање на наставната работа, а за вон-наставната работа и додатната работа заради заедничко користење на просторот со ФФК се користат наизменично слободни термини, и простор по распоред и договор помеѓу училиштето и факултетот