29/06/2026
На 25 и 26 јуни 2026 година, претставници на Пријатели на Образованието учествуваа на дводневна обука во Ќустендил, Република Бугарија, организирана во рамките на Erasmus+ проектот „Healthy Teachers Educating a Brighter Future“ (KA210-SCH), бр. 2025-1-MK01-KA210-SCH-000350512.
Обуката ги обедини наставниците и претставниците на партнерските организации од Македонија, Србија и Бугарија, со цел размена на искуства и зајакнување на капацитетите за унапредување на менталното здравје и благосостојбата на наставниците.
Во текот на двата работни дена учесниците работеа на теми поврзани со менталното здравје на наставниците, препознавање и управување со стресот, градење отпорност, воспоставување рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот, како и создавање позитивна и поддржувачка училишна средина. Преку интерактивни работилници, дискусии, практични вежби и размена на добри практики, учесниците стекнаа нови знаења и алатки кои ќе можат да ги применат во својата секојдневна работа.
Особено значајна беше можноста за размена на искуства меѓу партнерите од трите земји, при што беа дискутирани предизвиците со кои се соочуваат наставниците, но и успешни пристапи за подобрување на нивната благосостојба и професионална отпорност.
Покрај работниот дел, домаќините организираа и културна програма преку која имавме можност да се запознаеме со богатата историја, културното наследство и знаменитостите на градот Ќустендил. Ова придонесе за дополнително зајакнување на партнерските односи и создавање нови можности за идна соработка.
Обуката претставуваше важен чекор во реализацијата на проектот и придонесе кон исполнување на неговата главна цел – создавање поздрави, поотпорни и помотивирани наставници, кои ќе можат да обезбедат поквалитетно образование и подобра поддршка за своите ученици.
Со нетрпение ги очекуваме следните проектни активности и продолжување на успешната соработка со сите партнери.