ОСНОВНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА РАБОТЕЊЕТО ВО ЕНТЕРПРАЈЗ
Концептот за групна настава е нов и некарактеристичен пристап кон работата во областа на музичкото образование кога се во прашање изучувањето на инструменти и вокалната интерпретација (гласните жици, гласот е инструмент). Ваквиот начин на работа не се практикува никаде по државните музички училишта во Македонија, на просторите на бивша Југославија, па ни во државите ширум светот. Според научните методи и методологии, според сите правила и стандарди, се смета дека најголем ефект во образованието, не само музичкото, се постигнува при индивидуалната настава.
Сепак, ние се одлучивме да го спроведеме токму овој концепт на групна настава и се уште се придржуваме кон него затоа што даде извонредни резултати и позитивни ефекти, гледано од повеќе аспекти:
1. Социјализација и создавање на нови познанства и другарства надвор од училиштето,
2. Размена на знаења, техники и други искуства поврзани со музиката и конкретниот инструмент што го изучуваат во групата,
3. Групата создава услови и атмосфера за интерактивна и подинамична настава,
4. Создавање на конкурентски дух помеѓу учениците кој води до поголема фокусираност и побрз напредок во изучувањето на инструментот (да се биде подобар од другиот во групата),
5. Полесно задржување на концентрацијата (заради динамиката) што овозможува ефикасно совладување на наставната единица,
6. Меѓусебно поттикнување и давање стимул за надминување на потешкотиите во совладувањето на инструментот (солидарност, емпатија),
7. Тимско работење (развивање чувство на заедништво и желба за тимски успех)
Постојат и други предности и придобивки од ваквиот метод на работа, но најважно од се е дека крајните резултати се позитивни и дека побрзо и полесно се доаѓа до целта. Бројот на учениците во една група зависи од природата на инструментот кој се изучува и во различни класи, различен е и бројот. Групите се формираат врз основа на музичката определеност, возраста и степенот на знаење на учениците.
На часовите по гитара групата може да брои најмногу 5 ученика заради остварување ефективност на наставата. Истото важи и за групите по бас гитара, додека на часовите по естрадно пеење можат да присуствуваат повеќе ученици, од 6 до 8, а наставата да не изгуби од својот квалитет. На часовите по клавир, групите се најчесто составени од 5-6 ученици, но можен е и поголем број кога се работи комбинирана настава (теорија и пракса напоредно). Само групите за тапани можат да бројат најмногу два ученика поради природата на инструментот, неговата големина и јачината на мултиплицираните звуци кои ги испушта овој инструмент. Во секој случај, мора да биде повеќе од еден ученик заради можноста за меѓусебна споредба и присуство на натпреварувачки дух како основа за побрз напредок.
Часовите по музичка продукција се малку поинаку конципирани.
Предвидени се како курс во времетраење од една година, со точно определена и предвидена програма, па и тука наставата се одвива во групи, но не поголеми од 6 ученика.
Секако дека во текот на наставата, иако е групна, наставникот посветува време и внимание на секој ученик поединечно, и во однос на пренесување на знаењето и во однос на проверка на наученото. Но евалвацијата е транспарентна и видлива и тоа е она што ги тера учениците максимално да се посветат на работата на часовите и задачите кои треба да ги завршат дома. Ретко кој би си дозволил да дојде неподготвен на час или да не ја следи наставата, ако другите од групата го прават спротивното и одат напред во совладувањето на техниките на свирење, пеење, интерпретација.
Постојат исклучоци од моделот на групна настава во специјални ситуации, на инсистирање на повозрасни клиенти кои не се вклопуваат во возрасната структура на ученичките групи или пак наменски се запишуваат во нашето училиште за дополнување и дооформување на своето знаење, а тоа значи зголемен број на индивидуални наставни часови и модификација на образовната програма според конкретните барања на самиот клиент.
Наставната програма е конципирана на начин кој дозволува одржување на часови во блок термини, два пати по 45 минути, еднаш неделно. Наставата се реализира претежно во викендите кога учениците се најслободни и растеретени од нивните школски и воншколски активности, па според тоа го планираме и распоредот на часовите за учебната година. Постојат одредени отстапувања во зависност од слободното време и на учениците и на предавачите, па некои предавања се распоредени во попладневните часови во работните денови.
Програмата по која се одвива наставата не е строго уоквирена и дефинирана што овозможува наставниот процес да биде адаптибилен, динамичен и флексибилен, лесно прифатлив како за тотални почетници, така и за ученици кои достигнале некакво ниво на музичко образование.
Нашето училиште е отворено за уписи во текот на целата учебна година, што укажува на ориентираноста кон зголемување на можностите за задоволување на потребите на клиентите, а со тоа овозможување на полесно и побрзо остварување на нашите цели.
Начинот и стилот на изучување на музичките инструменти и совладување на техниките на вокалната интерпретација е тоа што нас не прави посебни и единствени во оваа дејност. За разлика од класичните музички школи каде што образовниот процес е базиран на теорија и музички правила, примарно изучување на ноти, нотни записи, такт, метрика и ритмика при што, прилично доцна (дури по една година ваква настава) децата се запознаваат со инструментот на кој ќе свират, во нашето училиште процесот е сосема спротивен. Уште од првиот час учениците се во допир со својот инструмент и веднаш почнуваат да свират на него, барем неколку ноти или акорди, или основните удари на тапанот. На самиот почеток се учат поедноставни песни, па потешки и покомплицирани, и преку самите песни, децата ги совладуваат гитарските акорди, клавирските ноти и акорди, техниките на пеењето, како и теориски зацртаните музички и ритмички правила кои важат за секој од инструментите. Тоа значи, преку пракса до теорија.
Постојат голем број популарни песни составени од неколку акорди (гитарски, клавирски) кои се вртат во круг, како и песни во едноставен ритам. Токму тие песни се наш избор за изучување за сите ученици кои се почетници. Таквиот пристап е гаранција дека ученикот многу брзо ќе ја совлада првата наставна единица, односно ќе научи да ја свири првата песна на гитара или клавир, на тапани или бас гитара. Изненадувачки но, тие три-четири исти акорди се составен дел на многу светски познати модерни хитови, поп и рок евергрини. Затоа тие претставуваат одлична селекција за почеток и атрактивен начин за вовед во инструменталниот дел од музичкото образование.
Овој начин на работа со учениците е постимулативен, влева поголема самодоверба кај нив, ја поттикнува желбата за учење и напредување. Ако по неколку наставни часови ученикот научи да отсвири една песна, макар и наједноставната, кај него расте желбата да научи нова, малку покомплицирана песна, бидејќи знае дека може и веќе знае дека тој процес не е долготраен како порано во класичните школи. Напротив, резултатите се брзо видливи и тоа е основен стимул за понатамошно квалитативно и квантитативно надградување.
Училиштето на крајот од учебната година организира завршен концерт на кој што учествуваат сите ученици и преку нивниот јавен настап јасно може да се согледа колку научиле и напредувале во нивниот развој како идни музичари. Се подготвува репертоар на песни кои се изведуваат во живо, со соодветно озвучување, на сцена и пред публика. Преку овие настапи учениците на Ентерпрајз имаат ексклузивна можност да научат како да го интерпретираат своето музичко знаење во живо, со озвучени инструменти и каков треба да биде односот кон останатите членови од музичкиот состав. Завршниот концерт за пејачите е исто така посебно искуство кај што тие учат да пеат во придружба на бенд (не на снимена матрица), однос кон микрофон, однесување на сцена и др. Основната цел на овој проект е да се покажат достигнувањата на учениците, т.е. наученото во тековната учебна година, како и промоција на работата на училиштето.
За реализација на музички концерт од ваков тип, потребно е вложување на многу труд и време. Последните две недели од учебната година фокусот е насочен кон завршните подготовки за концертот преку одржување на проби, прво на делови (парцијално), а потоа, пред крај, три целосни т.е. генерални проби. На овие проби учениците од сите насоки се спојуваат, поделени во музички групи, бендови и се подготвуваат за заеднички настап во живо. Усогласувањето на учениците кои свират на различни инструменти, вклучувајќи ги и вокалните интерпретатори, е најтешкиот дел од работата.
Концертот е едно од главните обележја на нашето училиште по што се одвојуваме и разликуваме од останатите вакви и слични музички школи. Тоа ни обезбедува лидерска позиција во однос на другите музички школи, овозможувајќи општо задоволство и сатисфакција за севкупниот вложен труд во сите сегменти од нашето работење.