Отворен куфер е независна и неформална студентска културна иницијатива. Формирана е на почетокот на 2013 година од група студенти од Филозофскиот факултет, а во натамошното функционирање кон неа се приклучуваат студенти од останатите факултети, а доминантно од факултетите при главниот кампус на УКИМ. Оваа иницијатива се занимава со организирање на културно-уметнички активности во рамките на универзитетот, поради забележаниот недостаток на истите.
Функционира на принцип на хоризонтална поставеност на членовите, при што секој има еднакво право на изразување на сопствените ставови и мислења, планирање, одлучување и организација и реализација на активностите.
Основни идеи и цели на Отворен куфер се: здружување на студентите, организирање на културно-уметничка програма на факултетите, алтернативно академско и неформално образование, создавање простор за слободно изразување, размена на идеи и вештини и поттикнување на креативноста, творештвото и критичката мисла.
Главна цел на Отворен куфер – преку која сметаме дека можат да се реализираат и горенаведените идеи и цели – е формирање на Студентски културен центар во рамките на универзитетот.
Во досегашната работа се организирани: над 20 филмски проекции проследени со дискусии; редовно одбележување на 17 Ноември – Меѓународниот ден на студентите; организирање на отворена и слободна библиотека за размена на книги; изработка на памфлет Homo studentus; студентски чајанки; ШОК фестивалот организиран на Филозофски факултет во 2013 година, во чии рамки се одржаа изложба, поетско читање, трибина, работилници за ораторство, изработка на фанзини и изработка на пиво и тн.