15/09/2026
РЕГИОНАЛНА НАПРЕДНА ОБУКА ЗА ГРАНИЧНА ПОЛИЦИЈА
Од денес во наредните 10 дена, во рамки на предвидените активности на Регионалната асоцијација на Полициски академии во ЈИЕ, во Полициската академија се одржува Регионална напредна обука за гранична полиција, на која учествуваат претставници на граничните полиции од Југоисточна Европа.
Со свое воведно обраќање обуката ја отвори Помошник на министерот на Полициската академија м-р Влатко Митковски, кој даде и краток историјат на активностите кои доведоа до реализација на оваа обука и тоа истата да биде дел од агендата на македонското претседавање со Регионалната асоцијација RAPATC SEE.
"Во рамки на соработката со Сојузната Полиција на Германија и проектот ЕУ4ФАСТ (Поддршка од Европската Унија за зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан), ги реализиравме следните значајни активности: Во октомври 2025 година, во Скопје, беше потпишана *Заедничката декларација за воспоставување на Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука на Југоисточна Европа* – RAPATC SEE.
Со воспоставувањето на RAPATC SEE создадовме регионална платформа која овозможува поблиска институционална соработка, размена на знаења, искуства и добри практики, како и развој на заеднички иницијативи во областа на полициското образование и професионалната обука.
Но, уште поважно е што оваа соработка многу брзо премина од декларација во конкретна практична активност. Од 26 до 29 мај 2026 година, во Кобленц, Германија, беше одржана меѓународна работилница посветена на дизајнирање на програма за обука.
Во работилницата учествуваа претставници на полициските академии и на граничните полиции од четирите земји од Западен Балкан, потписнички на Декларацијата.
Следниот важен чекор го правиме сега овде, во Скопје, со реализацијата на оваа Регионалната напредна обука за гранична полиција во партнерство со Сојузната Полиција на Германија и ЕУ4ФАСТ проектот, во која учествуваат претставници од сите земји од Западен Балкан.
Ова е особено важен момент. Она што започна како иницијатива за воспоставување регионална институционална соработка, ќе продолжи со заедничко креирање на програма за обука, а денес се преточува во конкретна регионална обука со пошироко учество.
Токму во тоа ја гледаме вистинската вредност на оваа иницијатива – од заедничка декларација, преку заедничко планирање, до заедничка практична реализација."