На државата во која живееме и се потребни:
1. Стабилност – се се претвори во хронична нестабилност. Нема институција, настан или процес што не е руиниран или дестабилизиран.
2. Општество – кое полека го губиме или е веќе уништено. Еродираше или се намали неопходниот простор каде што луѓето живеат, каде може да работат и да си ја планираат иднината.
3. Квалитет – недостига развој или поддршка на квалитет во која било област. Не може една заедница или држава да се базира на случајни луѓе или настани. Секој голем успех е резултат на поголемо и постојано вложување во луѓе и процеси.
Која било политичка програма треба да ги адресира овие три приоритети. Сите три се органски поврзани. Треба да има стабилност, или предвидливост, како предуслов за општествен развој, што би поддржал концентрација на квалитет во одредени области или сектори.
Еве, на пример, како тоа се рефлектира во образованието. Целосно е дестабилизиран целиот систем на образование – погрешни кадри и недоволно финансирање. Ваков систем не може да произведува општествени вредности, или да ги пренесува постојните на следните генерации. Ако нема квалитетни кадри, ако не се вложува во нив, тогаш не може да се надеваме на некаков иден успех – ниту индивидуален, ниту групен, ниту национален.
Petar Atanasov
Сакам реформи во образованието заради повисок квалитет
ОД КОМПАРАТИВНАТА АНАЛИЗА ЗА 12 ДРЖАВИ
(Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“, Петар Атанасов, Бојана Наумовска, Јован Близнаковски, Независен академски синдикат, Скопје, 2021)
Како што истакнавме во воведот на овој документ, дел од истражувањето беше и компаративната анализа на 12 европски држави, вклучувајќи ја и нашата држава: Северна Македонија, Бугарија, Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Холандија, Белгија, Франција, Австрија, Ирска и Естонија. Предмет на анализа беа општите услови за градење академска кариера, потребните квалификации, и условите за работа, вработување, како и можностите за напредување во кариерата.
Главниот акцент во речиси сите системи е ставен на улогата на академскиот кадар кон развојот на човештвото и современото општество, а соодветно на овој статус му се обезбедува целосна академска слобода и институционална автономија. Академската слобода се однесува на: слобода во реализацијата на наставната дејност, слобода во поставувањето на прашањата за дискусија, слобода во спроведувањето истражувања, дисеминација и објавување на резултатите од нив, слобода во искажувањето на своите ставови во однос на институционалните процеси и актуализирање на воочените проблеми, слобода да учествуваат во професионални или репрезентативни академски тела.
Во рамките на универзитетите, комбинацијата на настава и истражување често се сфаќа како суштинска и комплементарна карактеристика на институцијата. Академскиот персонал е подеднакво ангажиран во пренесување на знаење преку настава, како и во создавање на ново знаење преку истражување. Сепак се забележуваат одредени разлики, па така, додека традиционалните универзитети честопати ја истакнуваат истражувачката функција на академскиот кадар, новите високообразовни институции, а особено универзитетите за применета наука и колеџите (со ограничен капацитет за истражување) се концентрираат на нивната наставна улога и пренесување на постојните знаења. Така, притисоците на масовните високообразовни системи доведоа до зголемена диференцијација на наставните и истражувачките улоги, наместо до поголема комплементарност.
Политиката на вработување на наставно-научниот кадар е тесно поврзана со културните вредности, статусот на високото образование и неговото место во државните приоритети и верувањата за тоа кој треба да биде дел од академската заедница, што влијае на начинот на селекција, изборот и процесите на одлучување. Сево ова се случува во услови на силно влијание на пошироките глобализациски процеси, настојувањата за одржување на компетитивност и конкурентност на европскиот и светскиот простор на високото образование. Притоа, вработувањето во високото образование е во директна релација со фундаменталните принципи и сфаќања за универзитетската автономија, отчетноста, транспарентноста, пристапноста и еднаквите можности. Овој процес е нераскинливо врзан со економската состојба на земјата и подготвеноста на државата да ја исполни својата улога во поддршката на високото образование.
Во најголем број од земјите на европскиот простор, наставно-научниот кадар се вработува на определено време иако не се ретки и случаите за негово постојано вработување со статус на државни службеници. Сепак, дури и во земјите каде што постои таков статус, тој е достапен за определен број кадри − но не и за сите. Државите во Европа поретко развиваат среднорочни или долгорочни национални стратегии за планирање на човечки ресурси во високото образование. Во повеќето земји, вработувањето на наставно-научниот кадар е само во надлежност на високообразовните институции. Во земјите каде што постојат национални стратегии, тие најчесто вклучуваат прашања како што се: родовата рамноправност, бројот на договори за вработување на постојано и на определено време, но и прашања за мобилноста, обуката и професионалниот развој. Дури и во вакви државно регулирани системи, високообразовните институции обично имаат автономија при донесување одлуки во врска со вработувањето на одредени категории академски кадар.
Во речиси половина од сите европски системи за високо образование, академскиот кадар во јавните високообразовни институции имаат или може да имаат статус на државни службеници, што значи дека ги вработува јавен орган во согласност со прописите со кои се регулира функционирањето на јавната администрација. Статусот на државни службеници е почест во Југозападна Европа отколку во Североисточна Европа.
За да обезбедат одредени стандарди во високото образование, владите можат да наметнат барања за посебни типови квалификации за пристап до некои работни звања. За влез на универзитетот најчесто треба да се исполнат два вида услови: прво, соодветна научна оцена, второ, наставна оцена, која се однесува на наставната позиција на универзитетот, стекната преку постапка за назначување спроведена автономно од страна на универзитетот.
Планирањето на човечките ресурси во високообразовните институции е делумно под влијание и на финансиските регулативи. Сите јавни високообразовни институции, покрај работниот и финансискиот план, изготвуваат и план за развој, додека надлежниот министер ја доставува основата за изготвување на планот. Постојат голем број држави во кои за местото редовен професор се спроведува компетитивна процедура, а многу често процената на академскиот кадар се повторува на секои 5 години. Планирањето и генералното менаџирање на високото образование обично го прави државата преку одредени тела, како што се националните совети. Процесите на акредитација и евалуација се водат од независни тела, што воедно претставува и услов да се биде членка на Европската асоцијација за обезбедување квалитет во високото образование.
Иако не постојат официјални бројки за сите образовани системи, учеството на жените е најчесто пониско од тоа на мажите.
Постојат и примери на држави во кои еден сегмент од високото образование е во надлежност на власта, па така, на пример, во Австрија, Универзитетот на колеџи за образование на наставници е целосно во надлежност на федералната власт. Кадровските работи на овој Универзитет не се независни, туку цело време се усогласуваат со Федералното министерство за образование, наука и истражувања.
Стандардите кои се применуваат во високото образование предвидуваат изедначени барања за академскиот кадар во однос на академската титула, образовните квалификации, истражувачките активности, педагошките вештини и професионалното искуство. Кога ги воспоставува минималните барања за наставниот кадар во Франција, образовната институција ги следи барањата поставени од соодветниот документ, меѓутоа може да постави и повисоки барања доколку е потребно. Договорите за вработување на обичниот наставен кадар и истражувачите се склучуваат преку отворен процес на конкуренција со еднакви услови за сите кандидати. Француската академија прикажува многу белези карактеристични за моделот на академија на континентална Европа. Се одликува со многу централизиран систем, со пречки за влез и унапредување, и многу високо ниво на стабилност на работното место.
Примањата, пак, многу се разликуваат од земја до земја. Тоа може да се види преку чинењето на еден час од работниот ден на еден професор, чија цена се движи од 10-ина евра за редовен професор во регионот кај нас, па од 30 до 60 евра по час за професор во една побогата европска држава. Платите се движат од 1.000 до 2.000 евра во регионот (кај нас платата е убедливо најниска), па од 6.000 до 9.000 евра месечни примања во побогатите држави. Покрај ова, има многу редовни додатоци во зависност од ангажманот на професорот, но секогаш се присутни и дополнителни буџети, како за истражувања така и за успешност во кариерата.
Ова е слика на државите кои навистина го вреднуваат академскиот кадар, добро го плаќаат, но и бараат од нив да ги вложат своите потенцијали во развој на општеството. Генерално, размислувањето и стратегијата се дека колку ќе вложите во овој степен на образование, толку повеќе го стимулирате растот и развојот на државата.
Benchmarking Higher Education System Performance The project on benchmarking higher education system performance provides a comprehensive and empirically rich review of the higher education landscape across OECD countries, taking stock of how well they are performing in meeting their education,...
МЛАД НАСТАВНО-НАУЧЕН КАДАР
(Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“, Петар Атанасов, Бојана Наумовска, Јован Близнаковски, Независен академски синдикат, Скопје, 2021)
Избор на тимот што го пишува овој документ за квалитетот на наставата во високото образование беше да ја започне анализата за квалитетот на наставата со темата за намалување на научниот кадар, односно со недостигот на млад истражувачки кадар (споменато и во претходните истражувања), особено присутен како проблем на универзитетите УКИМ и УКЛО. За време на одржувањето на фокус групите како еден од најголемите проблеми беше потенциран токму проблемот со нередовното примање на млад кадар и заминувањето во пензија на постојниот, што резултира со згаснување на потребни предмети или, пак, замена со несоодветни професори. Во однос на процесот на вработување и покрај тоа што секоја година се доставуваат планови за потребите на факултетите, државата (Министерството за образование и наука и Министерството за финансии) не одговара позитивно на нив. Недостигот од млад кадар е евидентен на сите факултети чии претставници учествуваа во фокус групите. Овој проблем понатаму се протега во повеќе сегменти како што се: поголема оптовареност со вежби на постојните асистенти или преземањето на вежбите од страна на професорите, непостоење на соодветен кадар кој е доволно обучен да ги наследи професорите кои заминуваат во пензија, немање можност за континуитет во наставниот процес, немање можност за континуитет во научната дејност (немање кому да се пренесат знаењата). Секако, овој проблем а најакутен на постарите универзитети, додека кај некои од новите универзитети вработувањата не се толку дефицитарни. Се отвора и проблемот со квалитетот на кадарот што се прима и критериумите што треба да се задоволат во процесот на нивното созревање и унапредување.
Втор проблем со младиот соработнички кадар е аспектот на мотивираност на најдобрите студенти да останат во државата и да градат академска кариера. Во овој контекст беше истакната висината на асистентската плата од 24.000 денари со која не можат да си обезбедат ни основни услови за живот (особено ако се од друг град), но и условите за работа како резултат на нефинансирање на научната работа (немање можност за учество во проекти во чии рамки би можеле да ги реализираат мерењата кои им се потребни за нивните трудови), како и голема оптовареност во наставниот процес. Многу често најдобрите студенти успеваат да си обезбедат стипендии за дошколување во странство каде ги имаат сите услови за истражување и каде овој процес заради добрите услови трае многу пократко, со што беше потенцирано дека нашата држава ги губи најдобрите кадри. Во овој дел, како најдобро решение за кое испитаниците од фокус групите сметаа дека доцни неколку децении, е простата замена на кадарот кој заминува во пензија, но со можност самите факултети да одлучат каков нов кадар им е потребен, односно работните места да не згаснуваат, но притоа да се има простор за приспособување кон новите научни текови и потреби.
Третиот проблем се однесува на поддршката за усовршување и напредување на постојниот кадар, примерите се различни, односно тие зависат од финансиските можности на факултетите. Најголем дел од учесниците истакнаа дека нивните единици не ја финансираат школарината за нивните асистенти, иако има и примери каде што се финансира или, пак, каде менторите и членовите на комисиите се откажуваат од сопствениот надоместок за да им помогнат на помладите колеги. Испитаниците потенцираа дека ова е исклучително важно и е од суштинско значење за задржување на најдобрите студенти и покрај сите останати потешкотии со кои се соочуваат, сметаат дека асистентите треба да се ослободат од трошоци за докторски студии. Во овој дел беше истакната и нивната плата, која е под просекот на државно ниво и со која во никој случај не би можеле да си обезбедат ниту пристоен живот, а особено не 5.000 евра за докторски студии. За оваа тема беа истакнати позитивните примери од минатото (пред 20 и повеќе години) каде и за магистерски и за докторските студии младиот кадар бил ослободен од трошоци, а ги реализирале во рамките на проекти, кои тогаш во континуитет се финансирале од страна на државата. Во однос на ова прашање беше потенцирано дека сè додека се нема јасна финансиска платформа наменета за финансирање на млад наставен кадар (како законска материја) не може да има соодветна конзистентност, а тоа во целост влијае на квалитетот на моменталниот и идниот наставен процес.
Дискусиите во фокус групите беа во насока на задолжително воведување стипендии за наши студенти (докторанди), а не да се издвојуваат огромни суми за да се финансираат нашите студенти за додипломски студии во странство – „Жално е нашите државни фондови да ги трошиме на деца кои ќе одат надвор и никогаш нема да ги видиме, не сме толку богата држава да може да ги финансираме другите држави“. Во однос на доквалификацијата кај постојниот наставен кадар, исто така може да се заклучи дека поддршката од страна на факултетите зависи од нивната финансиска состојба. Факултетите кои можат да издвојуваат сума на годишно ниво, кадарот може да ја користи за учество на конференции, објавување на трудови, објавување на книги. Останатите, пак, за кои факултетите немаат ваква можност, оставени се самостојно да се снаоѓаат. Во однос на доусовршувањата во странство, се потенцираше дека сите се финансирани од странски проекти на кои се добива знаење, но проблемот кој беше истакнат е дека и „кога ќе се вратат во земјата поради немањето проекти и услови за работа, тоа што ќе се стекне како знаење нема каде да се примени, но и нема кому да се пренесе бидејќи нема млад кадар“.
Согласно овие сознанија, според професорите-учесници на фокус групите едно од најважните прашања на кое треба да му се обрне најголемо внимание е младиот наставен и научен кадар: нивното примање, усовршување, напредување, финансирање на нивни проекти и истражување, поддршка за публикување, како и нивна промоција во значаен и вреден дел од нашата општествена стварност. Затоа што сме сведоци дека најголемиот дел од современото општество се случува преку развој, пред сè, на третата генерација на универзитет – преку настава, фундаментални истражувања и употребата или комерцијализацијата на знаењето. Нашата држава, или оние кои носат одлуки, треба да сфатат дека политиката е моќна и влијателна, но дека универзитетот, науката и знаењето носат развој и прогрес.
КОНТЕКСТОТ ВО КОЈ СЕ ОДВИВА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ
Од претходните истражувања за универзитетската автономија и за финансирањето на високото образование кои ги спроведе НАкС, добивме сеопфатна слика за состојбите во високото образование и за процесите на унапредување на универзитетската автономија и финансирањето на високото образование, при што произлегоа повеќе заклучоци и препораки кои беа преточени во две монографски изданија.
Од првото истражување беше потврдено дека во рамките на универзитетската автономија, во сите четири димензии – финансиска, кадровска, организациска и академска, нашата држава може да се пофали дека има позитивни елементи во академската и во организациската автономија, додека послаби се елементите за остварување на финансиската и кадровската автономија (особено пополнување на испразнетите места за академскиот кадар). Бидејќи целосна автономија е единствен патоказ за повисоки академски остварувања, тогаш препорака беше дека работите мора да се менуваат во тој правец. И во првото и во второто истражување заклучоците и препораките беа државата (Министерството за образование и наука) да издвојува повеќе средства за материјалната основа на јавните универзитети и да го зголеми процентот од БДП што се издвојува за научноистражувачка дејност. Исто така, академскиот кадар го постави прашањето на воспоставување систем на мерила што ќе овозможат поправична дистрибуција на буџетски средства меѓу високообразовните установи и нивните единици.
Второто истражување уште поконкретно навлезе во анализа на финансирањето на високото образование и наука кај нас. Се утврди дека буџетите за образование не се читливи, не се јасни и се неразбирливи за учесниците во образовниот процес. Се утврди и дека нема воспоставени механизми за вклучување на универзитетите и високообразовните установи од страна на МОН; нема никаква суштинска координација меѓу високотo образование и креаторите на буџетите – МОН, Владата и Собранието. Исто така, беше утврдено дека со години од страна на Владата се намалуваат финансиите што се вложуваат во високото образование и науката како процент од БДП и се меѓу најниските во Европа, а буџетот за наука најмногу е трошен на преводи и скапи стипендии за странство. Платите на академскиот кадар се најниски во регионот и постојат значителни разлики меѓу висината на платите меѓу различните универзитети.
Може да се каже дека повеќегодишните процеси и трошоци на отворање нови универзитети, процесите на масовно студирање и омасовување на високото образование, резултираа со пад на квалитетот на наставата и науката, како и со можностите на државата да го финансира секторот. Иако во мај 2018 година се донесе нов Закон за високо образование, тој бавно се имплементира и тешко се спроведува. Истовремено, законската регулатива за научноистражувачката дејност речиси и да не постои. Имајќи ги во вид сите овие факти, и покрај постоечкиот контекст и познатите состојби, решивме овој проект да го насочиме и да навлеземе посуштински во квалитетот на наставата во високото образование и условите во кои академскиот кадар ја остварува оваа важна општествена функција.
Извадок од публикацијата „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“, Петар Атанасов, Бојана Наумовска, Јован Близнаковски, Независен академски синдикат, Скопје, 2021.
18/03/2021
„Создавање на нови мултиетнички политички мнозинства“ е мој текст објавен во февруарскиот број на списанието Le Monde Diplomatique - македонско издание. Овде споделувам дел од текстот заради важноста на изложените идеи за политичката иднина на државата. Убеден сум дека има начин за де-етнизација на политиката (политички партии), во насока на поголема општествена интеграција и сплотеност за остварување на нашите цели и подобар живот за граѓаните:
„Три децении по осамостојувањето на државата, владејачките структури се чини дека не сакаат да пронајдат интегративен модел за општествена интеграција. Доколку оваа тема не беше толку значајна, никого немаше да го заболи глава за ова. Меѓутоа, оваа тема беше и сè уште е од суштинско значење за иднината на оваа држава. Без решение за ова прашање, Северна Македонија нема да биде ниту северна, ниту ќе биде демократска, уште помалку ќе биде стабилна држава.
Во регионот години наназад се покажа дека е невозможно работите да се менуваат, особено ако статус квото оди во прилог на политичките „елити“, кои преку национализмот и популизмот, постојано доаѓаат до уште поголеми привилегии. Ако големи сегменти од општеството не се задоволни, т.е. граѓаните и важни политички структури, тогаш се можни политички турбуленции и политички конфликти. Но, кога само граѓаните се незадоволни, иако се во многукратно и поголемо мнозинство од политичките сили кои учествуваат во политичкиот живот, тогаш мали се шансите за промени. Особено што граѓаните од аспект на нивниот семеен живот не сакаат тензии, политички преврати, улични протести итн. Граѓаните само бараат некој да им обезбеди ред и поредок, стабилен општествен контекст и повисок животен стандард.
СДСМ, како политичка партија, во периодот 2015-2017 година, по општото незадоволство од десетгодишното владеење на авторитарниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, започна да создава едно ново мултиетничко политичко мнозинство. За жал, во 2018-2019 година полека почна да се повлекува од оваа идеја. Или раководството на СДСМ се исплаши од оваа „историска“ задача и голема промена во политиката, или пак не сфатија која е крајната цел на концептот „едно општество за сите“ или зошто треба да се следи таа линија на политички промени. Како учесник во дел од тие процеси, можам да потврдам дека патот за ова беше трасиран, како програмски така и политички. Меѓутоа, интензивноста на политичкиот живот и секојдневната рововска политичка борба во еден немирен период, си го направија своето. Сигурен сум, дека „конкурсот“ за создавање на нови мултиетнички политички мнозинства, иако не е јавно објавен, ќе биде отворен барем уште неколку години нанапред. Оваа можност би било добро да се искористи.
Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркулутрализам е донесена е во октомври 2019 година, како Владина стратегија, и се наоѓа на официјалниот сајт на Владата. Таа е добра појдовна стратегија за политичка трансформација на државата и стабилна политичка иднина. Вие, што јуришате кон јарболите на Илинденска број 2, земете ја, проучете ја и почнете преку неа да ја стабилизирате државата, да го градите општеството и да го подобрувате животот на граѓаните. Не со пароли и со празни зборови. Подобра стратегија за развој на државата и општеството во овој момент нема. И не се знае дали во скоро време ќе има некаква друга. Онаа политичка сила која ќе го реализира ова, сигурен сум дека ќе биде поддржана од многу граѓани од различни слоеви во општеството. Претпоставувам дека одредени политички сили или опции ќе продолжат да работат спротивно на овој концепт, во насока на етничка територијална федерализација. Како ќе се движат политичкиот систем и промени во државата, ќе покаже времето.
Аналитичарот и добар познавач на етничките состојби во државата, Харалд Шенкер, коментирајќи ги состојбите во македонското општество, во јули 2020 година, ќе напише дека „во 2017 година, Зоран Заев стана Премиер на картата едно општество за сите. Со ова тој пропагираше надминување на етничките граници на земјата преку активно барање поддршка меѓу електорaтот на етничките Албанци. Сепак, по парламентарните избори од 2020 година, на овој концепт му беше зададен удар што може да се покаже смртоносен“. Според Шенкер, секој потенцијален коалициски партнер се залага за спротивното, а само СДСМ е слаб да ја наметне оваа линија. Тој вели дека „ниту една друга политичка структура не ги следеше социјалдемократите на Заев во обидот да го редефинираат општеството во Северна Македонија, во обидот да се спротивстават на националистичкиот дискурс нудејќи концепт заснован на интеграција и солидарност.“
Понекогаш будни сонуваме, додека работите ни се случуваат пред нашите очи а граѓаните се немoќни да влијаат врз промените. Повеќе би кажал дека „етничките“ структури и иституции ги туркаат „своите“ внатре во сопствените етноцентрични матрици на постоење. Во изминатите 20 години, незапирливо растеше значењето на етничноста и моќта на етничките елити, преку јакнење на етничкиот идентитет кај Албанците, додека етничките тензии „ работеа“ на штета на животот на граѓаните. Социолошки кажано и на „вашите“ и на „нашите“, на сите нас.
Во текот на процесите за интеграција во ЕУ, во јавноста се создава едно негативно чувство дека односот кон „нашата“ држава Македонија (Народна, Федеративна, Социјалистичка, Северна) е како однос кон непланирано дете. Или, пак, дете кое некогаш живеело среќно во едно поранешно семејство, а денес се некако е оставено само на себе, никој не го сака и не се грижи за него. Та не сме биле доволно добри, та не исполнуваме услови... Верувам дека суштината се наоѓа во ставот дека главно како држава нè гледаат како проблем, а не како партнер. Долу, пак, длабоко во нашата „база“, преку негативната селекција и партизираност на државните структури, ексклузивно според партиски и етнички критериуми, а не според способностите, само се уназадуваат демократските процеси. Поради ова е невозможно потсистемите да профункционираат во полна институционална смисла. Притоа, секој си владее во своето „трло“. За повисоко ниво на општествена интеграција, пак, потребна ни е активна јавна култура, барем минимално познавање на јазиците на кои се разбираме и политичко чувство за припадност кон државата. Мора да се каже дека како држава и како општество немаме многу опции. Младите трајно ја напуштаат државата немајќи време да чекаат некаков долгорочен модел на општествен развој. Досега, ниту изградивме нешто ново ниту го сочувавме она што вредеше од старото. Ако нешто е изградено, тоа се моќни, богати и големи политички партии, кои се добро организирани, имаат силна инфраструктура и одлично функционираат. Но, на штета на граѓаните и на општеството.
Создавање на нови мултиетнички политички мнозинства - Le Monde Diplomatique - Македонско издание Недела наутро. На Интернет порталите веќе прочитав две анализи. Првата беше за „конечното“ решавање на косовското прашање и опциите за обединување на Косово со Ал...
ЕТНИЧКИТЕ КОНТРОВЕРЗИИ ВО КАМПАЊАТА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ И ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА КАКО ПАРАДИГМА ЗА „ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ“
Не ја следам од минута во минута кампањата за овие парламентарни избори. Но, секако дека главните поенти на денот, или некои значајни изјави ги следам со големо внимание од аспект на мојот професионален интерес. Особено кога се работи за етничките прашања во Р.С. Македонија или повторната „етнизација на политиката“ од страна на две „албански“ политички партии или коалиции.
Еве ги изјавите, или промотивни кампањи на двајца „албански“ политичари, што се причина за овој мој напис, како и моите коментари по овие нивни изјави:
Зијадин Села, лидер на „Алијансата за Албанците“:
З.Села - „Сакаа да не вовлечат во политичката игра наречена општество за сите, но нема да успеат“.
- Господине Села, концептот „едно општество“ не е политичка играрија, туку е веќе усвоена Национална стратегија на државата. Во нејзината изработка учествуваа стотици кадри од институциите на државата и граѓанските организации, од сите слоеви на општеството.
З. Села - „Државата досега беше еднострана, така што е време да се создаде држава за сите, каде што сите ќе се чувствуваат еднакви“.
- Во државата, господине Села, веќе 30 години партиципираат и „ваши“ сограѓани Албанци. Само во Владата на Зоран Заев имате 10 министри. Престанете да ги обвинувате само Македонците, така нема да станете голем политичар! А каде сакате Вие да создадете уште една држава? Во Чаир, во Гостивар, каде...?
З. Села - „Ова не е заедничко општество за сите, илјадници албански деца учат македонски јазик...“
- Велите, господине Села, дека „илјадници“ албански деца учат на македонски јазик. Вие знаете дека ова е ГОЛЕМА ЛАГА. Ова е манипулација, вие не кажувате за вистинските бројки и за сите страни на „случајот “ од Чашка, каде сум бил двапати во изминатите 2 години. Она што е најважно е дека и Вие како и ДУИ сакате албанските деца да учат само на албански, да не знаат македонски, за да можете Вие да ги третирате како „материјал“ за обработка за вашите политички амбиции. Ама и „вашите“ граѓани секојдневно и масовно ја напуштаат оваа држава за која и Вие како политичар сносите некаква одговорност.
Насер Зибери, кандидат за премиер на ДУИ:
Н. Зибери - „Кандидатот за прв премиер Албанец на отворено пред владата побара прифаќање мултиетничка химна, задолжително учење албански јазик во секое училиште почнувајќи од 5-то одделение...“
- За химната господине Зибери - Македонија е унитарна држава и парламентарна демократија и граѓаните и нивните претставници во Собранието одлучуваат за овие прашања. Не Вие, како кандидат! Ова нема да се случи затоа што вам или на некој друг ви се сонило тоа. Почитувајте ја државата која Вас лично ви овозможила многу повеќе од тоа што Вие им го ветувате на Албанците. За образованието - Па каде бевте вие кога ОБСЕ и странските експерти таа и таа година со „Стратегијата за интегрирано образование“ ја „убедуваа“ ДУИ, дека децата Албанци треба да го учат и да го познаваат македонскиот јазик од рана возраст, заради подобра комуникација во општеството. Вашиот сегашен ментор, Али Ахмети, тогаш кажа НЕ!
Н. Зибери - „Според него (Зибери) должност е да создадат општество на шанси, каде етничката припадност повеќе не е ограничување.“
- Со голем дел од ова што го предлагате Вие се залагате за обратното. Со вашите ставови Вие сакате да ја јакнете етничката припадност, така полесно се „владее“ со Албанците, зар не! Во вашите ставови читам желба само за уште поголема „етничка демократија“, уште повеќе етнократија и уште повеќе корупција и клиентелизам. ДУИ ова го специјализираше и досега, но Вие веројатно не сте прателе поради зафатеност со нотаријатските работи. Се сеќавам и на некои „други“ ваши изјави, чинам против демократурата на ДУИ ќе да беа.
Н. Зибери - „Моја работа како премиер е да донесам и имплементирам консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност во 10-те стратешки државни институции, тие да се управуваат заеднички од еден Македонец и еден Албанец, со заеднички права за потпишување.“
- Па кажете отворено дека сакате федерализација, граѓаните да знаат за што се залагате. Кажете дека повторно им нудите национална револуција или можеби контрарареволуција, како ултра левичарите. Има во ДУИ и такви кадри. Дека можеби албанските синови не треба да спијат мирно... во Германија, Белгија, во Швајцарија... Знаете што, господине Зибери, немојте да ги лажете и да ги манипулирате Албанците, ДОСТА БЕШЕ. Кажете им отворено ШТО им нудите и КОИ СЕ вашите реални можности. На многу од Албанците на кои Македонија им е единствен дом и кои ја сакаат искрено оваа држава, можеби нема да им се допадне тоа што го ветувате. На Балканот умре времето на регионални национализми, на лична неодговорност и парадржавни конструкти. Луѓето сакаат да живеат а не повторно да влегуваат во нови Балкански авантури!
Н. Зибери - „Да се стави крај на дуополот на моќта што ја задржа нашата земја заглавена во политички војни и економска регресија.“
- Логиката на оваа реторика на обвинување само на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и не треба премногу да се анализира. ДУИ после 20 години во власта бара уште повеќе власт и контрола и уште повеќе моќ, за да ја „реализира“ својата платформа. На ДУИ одлично им успеваа уцените кон СДСМ во заедничката Влада, па изгледа дека сакаат да продолжат со оваа „тактика“. Добро е што и Албанците и Македонците се уверија во начинот на „владеење“ на ДУИ во сите овие 20 години. Бидејќи им се истроши „програмата“, тие сега газат уште посмело и уште похрабро. Камбекот во политиката на господинот Зибери е изненадување, но веројатно ќе беше добредојден, ако се работеше за нова партија или за некоја „друга“ политичка програма. Ова што Тој и ДУИ го нудат на никого не му е потребно повеќе. За обвинувањата кон дуото (дуополот) СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, многу повеќе прашања господине Зибери треба да им поставите на ДУИ. Прашајте ги нив и за моќта и за политичките војни и за економската регресија. Таму ќе најдете многу одговори на Вашите прашања.
Овие ставови на Зијадин Села и на Насер Зибери не се преголемо изненадување, бидејќи се дел од барањата на секоја етничка платформа, повеќе или помалку. Но, ете, сега испливаа како политичка програма или идеи што се закануваат конечно да се сруши македонското општество или Македонија да се федерализира, јазично или територијално, со сите непредвидливи последици што ќе произлезат од нив. На штета на македонскиот народ и на многу граѓани кои искрено ја сакаат оваа држава. Многумина од нив се Албанци. Среќа што во овој момент интересите на големите држави, стратешки партнери на Македонија, се резолутно против нови „играрии“ на Балканот. А и станавме членка на НАТО, молам!
Уште за време на изработката на Националната стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам се, „чувствуваше“ дека сето тоа не му е по ќеиф на ДУИ. ДУИ започна со нејзин тивок бојкот, потоа со сремежливо појавување во јавноста на некои нивни фукнкционери за време на нејзината промоција, но подоцна и со јасен и спротивен став, особено откако Стратегијата за едно општество беше усвоена и промовирана. На официјалната промоција во Министерството за надворешни работи, пред респектабилен состав и публика, новинарот Сефер Тахири, јавно изјави дека оваа Стратегија не им е по војла на албанските политички партии. На ова се надоврза еден од панелистите, професорката Беса Арифи, дека е тоа така, пред се, заради тоа што ДУИ и некои други политички партии освен национализам, немаат што да им понудат на Албанците.
И така доаѓаме до она што е крајна цел на елаборација на овој текст, главно предизвикан од претходните изјави за време на кампањата за парламентарните избори – Шарената револуција како парадигма за „едно општество за сите“.
„Шарената револуција“ беше најдобриот пример за „едно општество“. Најдобар пример за тоа како треба да изгледа нашето „шарено“ општество. Не дека во оваа револуција не беа присутни етничките елементи или белези (знамиња, банери, јазични пароли) туку процесот требаше да се „вози“ во насока овие етнички разлики да стануваат се помалку значајни во нашата општествена стварност. Шарената револуција се роди и таа го покажуваше патот!
Тројца луѓе се КЛУЧНИ за појавувањето на концептот за „едно општество“ во политиката. Јас како идеен творец на концептот за едно општество (кој во моите научни трудови се појавува уште 2004 година), Рубин Земон како советник во Владата во тоа време и идејна и моторна сила кој го иницираше проектот и, секако, Зоран Заев, кој како политичар го препозна моментот и му даде зелено светло на Рубин Земон да започне процес што доведе до изработка и усвојување на „Националната стратегија за равој на концептот за едно општество и интеркултурализам“.
Ова е еден од најсуштинските документи што државата (Владата) го има во „свои раце“, но во овој важен момент или не го промовира доволно или не знае како да го употреби.
Сега сакам да се задржам на суштинското значење на концептот за „едно општество“ или како што попопуларно е познат како „едно општество за сите“ (од политичката програма на СДСМ на минатите избори). Концептот е настанат, да го парафризам мојот драг колега Рубин Земон (од еден настап на Алфа телевизија), по повеќегодишното истражување на македонското општество од страна на Петар Атанасов (мојата маленкост) и анализите за тоа како конечно да се решат „мултиетничките јазли“ (исто така мој термин) во Македонија и како да започнеме со развој на „едно општество“ во кое етничките разлики нема да имаат доминантно влијание врз општествениот живот кај нас (фала ти Рубин). Во општество во кое нема да е најважно од кој етнички „кампус“ доаѓате, или во кое нема постојано да се делиме на „ваши“ и на „наши“, многу порелаксирано ќе живееме.
Концептот за „едно општество“ во својата базична поставеност бара оваа држава да најде начин на Албанците и на сите што се во Преамбулата (да и на Египќаните), но пред се на Албанците како втор голем популус во општеството, ДА ИМ ГО ПОНУДИ СЕТО ОНА ШТО ГО ИМААТ МАКЕДОНЦИТЕ – ИСТИ ЖИВОТНИ МОЖНОСТИ, ИСТО КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ, ИСТО КВАЛИТЕТНО ЗДРАВСТВО, ИСТ ЖИВОТЕН СТАНДАРД, ИСТИ МОЖНОСТИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И СЕТО ОНА ШТО ЗНАЧИ ЗАЕДНИЧКА ДЕФИНИЦИЈА ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ.
Она што повеќе не смее да се нуди како „лек“ и не ја решава работата е некаква меѓуетничка толеранција и голиот слоган дека сите сме за соживот. Стратегијата за „едно општество“ се заснова на многу поголема КОМУНИКАЦИЈА и СОРАБОТКА меѓу членовите припадници на различни заедници, како и ЗАЕДНИЧКИ АКТИВНОСТИ за изградба на делови од нашето „шарено општество“. Тие што управуваат со државата мора да им понудат и да им овозможат на Албанците и на сите други да бидат дел од нас или заедно со нас мнозинството, во ова исто општество. Доколку се оствари ова, нема да има потреба од политички партии кои на секои избори го дразнат граѓанството со национализам (лев или десен), нема да има потреба од негативен национализам кој само предизвикува реактивни изјави на спротивните табори и повторно не носи во правец на нова авантура која еднаш ја преживеавме во 2001 година. Ако се оствари ова, нема да има потреба од „албански“ политички партии кои агресивно ја наметнуваат својата „кауза“ за „конечно разрешување“ на дилемата „Чија е оваа држава – на Македонците или на Албанците?“ Во еден ваков надетнички развој на општеството, нема да има потреба од „албански“ политички партии кои ЕДИНСТВЕНО се бават со „историските процеси“. Доколку бројот на пратеници на ваквите политички партии во Собранието падне под 5-6 пратеници, тоа ќе значи дека нивната „историска“ мисија е завршена, а нашето општество ќе продолжи во помирни води и во насока на решавање на горливите прашања од секојдневието на граѓаните и нивните семејства.
Не, не велам дека овие политички партии не треба да постојат, особено во презентација на нивните културолошки белези, но тоа е во насока на славење на културните елементи на нивната заедница, а не во насока на рушење на македонското општество. Во овој момент наместо партиите на Албанците да нудат решенија и да се бават со „животот на Албанците“ (и на Македонците и на сите други) тие главно се бават со идејата за „прераспределба“ на политичката моќ во Македонија. Тоа веќе и не се крие, тоа се нивните главни столбови во програмата!
Значи, за ова имам јавно пишувано и говорено, ако државата е инклузивна и се грижи и за Албанците исто како и за Македонците, ако Албанците и другите заедници чувствуваат дека добиваат „исто“ колку што добиваат и Македонците а државата е правична кон нив, тогаш во еден краток период (5-6 години) ќе се намали „потребата“ од политички партии со ексклузивна национална кауза. Од која било провениенција. Тогаш полека ќе згаснат „етничките чекмеџиња“ и на ДУИ и на сите оние што сакаат да се возат на овој „етнички“ карусел.
Насер Зибери, човекот кој одамна е надвор од политиката, се „нафатил“ да промовира една „национална“ платформа на една политичка партија (ДУИ) во која на итар начин се сака да се претстави ДУИ како најголем поборник и борец за правата на Албанците во Македонија. Политичката партија – ДУИ, која веќе 20 години е синоним за корупција и криминал во Македонија, сега на Албанците им „продава“ светла иднина во Македонија. Само уште овие 4-5 работи за кои зборува господинот Зибер (кој е големо разочарување ако се знае неговата професионална кариера и што се оваа држава му „овозможила“) и Македонија ќе ја нема а Албанците во Македонија ќе направат субнација (или мала државичка во самата држава), исто како што направија со општина Чаир – етничко гето, помало или поголемо. Изгледа е најважно да се стават националните симболи, за другото ќе видиме подоцна. А да кажеа нешто за илјадниците вработувања кои ги „реализираше“ ДУИ и кои одеа по партиска вертикала, за стотиците вработени преку ДУИ кои не работеа а земаа плата, за образованието на децата Албанци кое е според квалитетот далеку под нивото на децата Македонци, за масовното иселување на Албанците од Македонија... За ова НИТУ ЗБОР. Зошто па да не, и онака во Македонија сите продаваат ветер и магла и никој во овие две децении не се трудел премногу да обезбеди повеќе демократија и повисок животен стандард за луѓето – за СИТЕ господине Зибери. Се надевам дека не сте го заборавиле вашиот одличен македонски јазик, на оној јазик на кој зборувавте за време на сите оние силни функции кои ги добивавте, вклучувајќи ја и вицепремиерската и министерската.
Уште едно разочарување, за мене лично, во оваа политичка кампања е господинот Зијадин Села, кој е единствен лик на албански политичар со харизма, кој се уште има шанси да и се спротивстави на коруптивната, криминална и клиентелистичка политика на ДУИ. Но, мислам дека тоа во оваа кампања го прави на погрешен начин и со истата реторика со која настапува и ДУИ - етноцентристичката.
Господине Села, во овој момент имате одлична можност и контингентна политичка енергија да пораснете во политичар кој на Албанците ќе им понуди она што им е потребно – живот, работа, образование, а не знамиња и „играрии“. Понудете им го тоа и на Македонците, па може да станете вториот Имер Селмани. Имате време за промена на реториката. Нема да згрешите. На примерот со Имер Селмани Македонците покажаа дека етничката припадност на еден политичар не е неговата најважна карактеристика. Луѓето го ценат интегритетот на личноста и вредностите за кои се бориме. Доколку господине Села не го направите ова, ќе останете мала политичка фигура, која се натпреварува со ДУИ (но и со БЕСА, која одигра одличен потег) на теми кои ДУИ одамна има „докторирано“.
СДСМ направи голем исчекор напред кога во предизборието 2016 година и за време на „шарената револуција“ ги отвори вратите за членови Албанци, но и со формирањето на општински ограноци каков што е оној во Арачиново и неколку други општини со доминантно албанско население. Црвената линија беше успешно премината, а примерите се множеа секојдневно.
Но, СДСМ наместо да продолжи уште похрабро и да работи уште попосветено на рушење на етничките бариери, некако застана. Во тој момент СДСМ (наместо да му помага на ДУИ да преживее), требаше својата партиска Платформа а подоцна и Владина програма да ја реализира за сите граѓани а не само за „своите“ Македонци и Албанци (кои постојано и жестоко беа мета на нападите на ДУИ).
Албанците препознаа во Зоран Заев и Шарената револуција енергија која требаше да ги смени нештата, сите ние да станеме посвесни за нашата сегашност и заедно да работиме за подобро утре. Дека само од нас тоа зависи! Сепак, таа енергија на Албанците за подобар живот, но и на СИТЕ граѓани, дека МОЖЕМЕ ПОИНАКУ, како што поминуваше времето полека се трошеше. Можеби има уште шанси да се вратиме на таа Платформа, но тоа станува се потешко особено со случувањата и настаните на нашата политичка сцена кои од минута во минута постојано влечат наназад и надолу, но никако нанапред.
ВМРО-ДПМНЕ во оваа насока, како важна политичка партија во нашиот политички хабитус, ниту досега направиле нешто или некаков чекор, ниту се обидуваат нешто да поправат. Никола Груевски не успеа тоа да го препознае, оставајќи му го тој дел суверено на ДУИ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не успеа во тоа да „види“ можност што би можел да ја претвори во сопствен политички капитал. Таа партија (полека се јавуваат и други) и натаму игра на македонскиот национализам (не во насока на „македонизмот“, туку во насока на ексклузивен национализам) кој веќе 2-3 пати за триесет години ни донесе и внатрешни проблеми и меѓународна изолација. Ако се разбудат и конечно започнат со некаква политичка програма во која ќе вклучат решенија и за овие многу важни прашања за државата, за кои овде пишувам, можеби ќе имаат шанса да привлечат нови гласачи. Во спротивно ќе се измачуваат и со својата идеологија и со својата иднина како современа политичка партија.
Мислам дека граѓаните се уморија од судирот или политичкиот натпревар СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ и обратно, судир кој трае 30 години а резултатите од тој судир често не се во насока на остварување на стратешките цели на државата. Да не навлегуваме во материјална расправа која партија повеќе „придонела“ за тоа. Важно е што сите сме губитници! Нашите перформанси како држава се очајно слаби и бесперспективни а квалитетот на животот на мнозинството граѓани е далеку од добар. Наредните денови ќе бидеме сведоци на уште една епизода од овој „епски“ судир.
Ете, заради овие прашања јас влегов во политиката (образованието беше најмоќна алатка за намалување на општествената конфликтност и за поголема внатрешна интеграција), за со мојот научен потенцијал, теоретско познавање на оваа област и со резултатите од моите истражувања за етничките односи, ДА ПОМОГНАМ ВО НИВНОТО РАЗРЕШУВАЊЕ. Токму затоа, јас голем дел од моите научни трудови најчесто прво ги објавував на македонски јазик и овде кај нас, затоа што за ова што јас го пишувам никого „не го боли“ ништо надвор од Македонија. Ова се наши „рани“ кои мора со наши сили и знаење, но пред се со многу граѓанска енергија и политичка волја да ги санираме.
„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме од тој пат и време е повторно да се вратиме на него, затоа што годините си минуваат а се повеќе млади, но и цели семејства, трајно се иселуваат од Македонија.
Можеби е време за Влада на национален просперитет (СДСМ+ВМРО-ДПМНЕ+СИТЕ-ПАРТИИ-ШТО-БИ-JA-ПОДДРЖАЛЕ) во која еден од трите стратешки столба ќе биде изградба на „едно општество за сите“, онака како што тоа го постулира Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам (оваа Стратегија сега е документ на Владата на Р.С. Македонија и на сите граѓани на државата). Македонија нема подобро „оружје“ од ова за да се спротивстави на матрицата на штетниот национализам (ултра десен или радикално лев). Двата други столба на државата треба да бидат развој на економијата и создавање подобро платени работни места и изградба на демократско општество и институции во служба на граѓаните.
Проф. д-р Петар Атанасов
Click here to claim your Sponsored Listing.
Location
Category
Website
Address
Skopje
1000