26/12/2015
"Молекуларна Биологија, наука на 21 век" - Меѓународна Научна Конференција
Професори, академци, истражувачи и студенти на природните науки од земјата, Балканот и Европа, на 21 Декември беа гости во Скопје, учествувајќи на Првата Меѓународна Научна Конференција "Молекуларна Биологија, наука на 21 век" организирано од Студентскиот Сојуз при УКИМ - "DECA" во соработка со Македонската Академија за Наука и Уметности.
Во конференцијата одржана во просториите на МАНУ, главно се продискутираше за Молекуларната Биологија и Молекуларната Генетика, Генетскиот Инженеринг и Форензиката.
Целта на оваа конференција беше промовирање на духот на научна и академска соработка меѓу експертите од земјата и регионот, приближување на студентите до меѓународни експерти од молекуларната биологија и генетиката, развој на науката за молекуларна биологија и генетика во Македонија и да бидеме потик на унапредување на областа на генетиката како на професинонален така и на академски план.
Академик Момир Поленаковиќ, член на МАНУ, изрази задоволство и гордост да биде присутен во еден ваков настан особено кога тоа се организира во Скопје од страна на студентите. Истотака потенцираше дека молекуларната биологија е една од најпрогресивните науки на овој век.
За проректорот на УКИМ, професор Владимир Петрушевски конференцијата има посебна вредност, поради тоа што преку неа, освен достгнувањата во науката, се воспоставува соработка помеѓу студентите и научните истражувачи, која помага во развојот на науката во иднината.
На конференција со нивни презентации учествуваа професори и истражувачи од Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" - Скопје, Универзитетот на Бирмингам - Лондон, Универзитетот на Штутгард, и студенти од Природно-математички факултет во Скопје.
Вреди да се потенцира дека МАНУ прв пат соработува со студентска организација.