02/09/2026
На 20 и 21 август 2026 година, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје имаше чест да биде домаќин на завршната конференција на европската COST акција MultiplEYE (CA21131).
Овој значаен научен настан го означи успешното финализирање на повеќегодишните активности за прибирање на повеќејазични податоци од движењето на очите при читање (eye-tracking), со цел унапредување на истражувањата во областа на обработката на природните јазици, машинското учење и психолингвистиката.
На конференцијата присуствуваа истражувачи и експерти од 17 различни земји. Беа вклучени четири поканети предавања од реномирани меѓународни професори, како и презентации на кратки научни трудови и постер-сесии. Овој настан овозможи поврзување на компјутерските науки со лингвистиката и психологијата, поставувајќи темели за идни заеднички истражувања и проекти.
Настанот ги надмина очекувањата на учесниците кои си заминаа со исклучително позитивни импресии од професионалната соработка со ФИНКИ. Покрај научниот дел, преку организираните активности низ Скопје, гостите имаа можност одблизу да го запознаат градот и да уживаат во македонската традиција и извонредната локална храна.
Конференцијата беше во локална организација на проф. Сашо Граматиков и асс. Зорица Карапанчева. Голема благодарност до сите учесници, предавачи и до сите што придонесоа за успешната реализација на овој настан!