18/08/2026
Додека бевме во Шпанија на затемнувањето на Сонцето, не ги објавувавме финалните фотографии од едноставна причина што немавме компјутер со сите потребни софтвери за обработка.
Веднаш по враќањето, Боби Кузманоски, кој целиот процес на фотографирање го изведе мајсторски, започна со својата „магија“ на компјутерот. Станува збор за повеќе часови на обработка, а резултатите од таа работа ќе ги гледате во наредните денови.
Верувајте ми, ќе има прекрасни фотографии кои сигурно ќе посакате да ги видите.
Подолу е одличен текст кој објаснува што сè било потребно за да се добие една ваква фотографија.
Уживајте!
Дојде и тој ден! 😃
Поминаа цели две години откако за првпат ми се роди идејата да заминам за Шпанија и со сопствени очи да го доживеам и фотографирам најголемиот космички спектакл, целосното затемнување на Сонцето. Имав доволно време да се подготвам, да ги проучам сите детали и да видам како колегите астрофотографи од целиот свет се справуваат со оваа трка со времето. Но, главната лекција што ја научив пред да дојде тој судбоносен момент беше дека мораш да уживаш во глетката со сопствените очи, а не да го поминеш целиот тоталитет заклештен зад екранот.
Токму затоа, започнав потрага по софтвер за автоматизација кој ќе го преземе раководењето со камерата. Сонцето не чека никого и непрекинато се движи по небото, па ми беше потребен и прецизен тракер. Дополнително, сакав втора камера да ја улови драматичноста на пејсажот во преден план, а тука беа и куп батерии, филтри, кабли и статив, лаптоп ...
Еден месец пред полетувањето, ја склопив сета опрема и се качив на покривот од мојата зграда за генерална проба. Пресметав кога заоѓа Сонцето и точно 1 час и 45 минути порано започнав со симулацијата. Тоа беше драгоцено искуство што ми ги отвори очите, имено не земав предвид колку густата атмосфера при заоѓањето ја ослабнува светлината во споредба со тоа кога Сонцето е високо на небото. Ги коригирав сите параметри во софтверот и конечно бев спремен за главната битка.
Екипата на Скопското астрономско друштво допатува во Шпанија неколку дена пред настанот. Поголемиот дел од тимот се смести во Мадрид, додека помала група замина за Леон. Како наша примарна цел и дестинација за набљудување и фотографирање ја избравме убавата средновековна тврдина Гормаз во областа Сорија. Уште во 15:00 часот, паркингот пред тврдината беше преплавен со над 100 автомобили. Колку се собраа подоцна, до самиот почеток на затемнувањето, немам точна информација, но претпоставувам барем уште толку, ако не и многу повеќе. Но, мојата замислена позиција беше поинаква, па се сместивме на 1.2 километри подалеку. Магијата на телефото-објективот на толкаво растојание прави илузија каде Сонцето изгледа гигантско над силуетата на тврдината. Откако ја одредивме идеалната точка, се повлековме во длабока сенка покрај блиската река за да ги сочуваме силите.
Времето одбројуваше. Иако почетокот беше закажан за 19:35 часот, со Радан уште во 18:30 часот тргнавме кон позицијата за да ја поставиме опремата и да ги направиме последните финални подесувања.
И тука започна вистинската драма! Од трите ранци почнав трескавично да вадам опрема: составување, заштрафување, стегање, мрежа од УСБ-кабли, батерии, пауер-банки, лаптоп... А надвор пеколни 1000°C! Потта ти лее од сите страни, капа на глава, се поливаш со вода за да преживееш... и во тој критичен момент, лаптопот одбива да се вклучи! #$%&@*!? 🤬
Пулсот отиде во плафон. Цели десет мачни минути се борев да го стартувам. Без компјутерот целата автоматизација паѓа во вода, што значи рачно фотографирање во паника, фатални грешки и, најстрашно од сè, целосно пропуштање на феноменот!
Некако, како по чудо, системот конечно оживеа! Но, на тоа пеколно Сонце и заслепувачка светлина, воопшто не можев да забележам дека лаптопот всушност цело време се подигал и си работи сосема нормално. Осветленоста (brightness) на екранот била намалена на минимум! Дури кога го однесов во сенка сфатив што всушност се случува... 😃 Брзо го отворив софтверот, го активирав тракерот и застанавме во исчекување на 19:45 часот.Кога започна затемнувањето, сè работеше како совршено подмачкана машина. Резултат: преку 2500 сурови кадри кои чекаат на обработка!
За почеток, ви ја претставувам фотографијата од самиот момент на тоталитетот. На неа јасно се гледа Сончевата корона во целиот нејзин сјај, односно ерупции на плазма (протуберанци) по работ, како и комплексните линиски структури на магнетното поле од кои се формира соларниот ветар. Фотографијата е изработена со техниката на висок динамички опсег (HDR), добиена со комбинирање податоци од 15 поединечни експозиции со времетраење од 1/4000 дел од секунда до 4 секунди.
Преостанатите композитни фотографии и тајмлапс видеото од овој нереален настан следуваат во наредните денови!