05/06/2024
„Поетиката на периодиката“ - работилница за креативно пишување
🐲 Менторство: Дума ин Сума
🗺 Дизајн: Дарко Алексовски
🏰 КСП Центар -Јадро / SCS Centar-Jadro
📆 Датум: 17, 18, 19 и 24 јуни 2024
⏰ Време: 12 до 17 часот
🔗Пријава: https://dumainsumma.com/idni-rabotilnici
Повикот за учество во работилницата е отворен за млади на возраст од 14 до 19 години.
*Бројот на учесници е ограничен.
Весници, весници…
Распустот е добро време да се влезе во филм, а Дума ин Сума реши да влезе во оној на Александар Ѓурчинов…
Ова лето го одбележуваме со нурнување во слатката поетика на библиотечната периодика.
Како ви звучи ова?
Преку работилницата за креативно пишување со млади - „Поетиката на периодиката“, ќе истражуваме нефикционални книжевни форми и ќе влеземе во минати, потскриени реалности.
Колумни, интервјуа, репортажи, патописи, стрипови, вицови, Драга Таа... Летните распусти секогаш нѐ прават копнежливи по топлите пладниња во кои ги читавме новите броеви од списанијата и магазините што носеа новости и актуелности од светот, постери, квизови и бламажи.
Читавме сѐ: магазини со забавна и едукативна содржина, списанија за интернет и гејминг, спорт, технологија, природа, астрономија, списанија за млади, книжевна критика и уметност…
На оваа работилница одблиску ќе истражиме нови, скриени светови полни со ретки и минати сериски публикации, периодики, разгледници, ракописи, мапи, фотографии, картографии, каталози, ориентални ракописи… Ќе се прошетаме низ поетиката на Одделот за периодика во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје, а пријавените ќе добијат едногодишно членство во библиотеката, бидејќи знаењето треба да е подеднакво достапно за сите.
Откако ќе каснеме и пораснеме од носталгичниот шарм на списанијата и весниците ќе ги прошириме дигиталните хоризонти со креирање на нови и нови и нови (не)фикцинални содржини - и во онлајн просторот и преку физичко споделување на кирилицата.
Пријавените на оваа работилница ќе се здобијат со вештини за креирање, уредување и објавување на свој авторски текст онлајн и во печатена форма, испробувајќи уредување на текст во Wordpress, блог форма или преку платформи кои се базираат на AI. Правилото на ова работилница е: „WordPress does not make me depressed“.
Ќе учиме КОЈ?, ШТО?, КОГА?, КАДЕ? и КАКО?, а најмногу ЗОШТО?... Но, фино е да се запамети - границата меѓу фактот и фикцијата е потенка, но и поостра од хартијата на дневниот весник ;)
По многу читање, пишување и патување, работилницата ќе ја заокружиме со уредување на текстови /дигитално и аналогно/ кои потоа ќе може да се прочитаат во печатено списание од млади за млади.
Ќе биди супер, ве очекуваме