22/05/2026
24 МАЈ – ДЕНОТ НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ
Народ без писмо е како небо без ѕвезди!
Секое слово што денес го пишуваме е тивок споменик на нивното дело!
Солунските браќа Кирил и Методиј се мисионери на христијанството и наши први учители кои имаат историско, културно и просветно значење за светот. Нивната просветителска мисија е поттик за единствен епохален цивилизациски и историско-културен процес. Темелот на овој процес е создавањето на глаголицата – првата словенска азбука, која автентично ги доловува словенските фонетски карактеристики со длабок печат на христијанските симболи. Горди сме на светите браќа Кирил и Методиј, нивното дело е штитот на нашиот идентитет и патоказ за посветла иднина.
Кирил и Методиј, не ја создале само азбуката туку тие ги создале - светлината на слепите и звукот на глувите. Затоа велима, нивното дело не е само дел од минатото, туку жива светлина што и денес го осветлува патот на образованието, културата и духовноста. Во својата непроценлива мисија тие се соочиле со многу тешкотии, но никогаш не се откажале. Нивната истрајност покажува колку е голема силата на човекот кој верува во својата цел. Тие не се бореле со оружје, туку со мудрост и знаење поттикнати од енормната љубов кон сопствениот народ. Со својата мудрост, вера и посветеност, успеале да му подарат на народот нешто бесценето – писмо, знаење, надеж.
Денес, длабоко им се поклонуваме на овие словенски просветители затоа што во наследство ни ја оставија азбуката, писменоста и духовноста. Тие го научија народот дека зборот има волшебна моќ да го менува светот. Во пресрет на овој значаен ден - 24 Мај, потсетуваќи се на делото на големите просветители, во градинката „Срничка“, преку едукативни текстови, стихови и разговор со децата ќе се обидеме да го опишеме огромното непроценливо дело на словенските просветители, кои како први учители го посеале семето на просветата мегу словенските народи и описмениле многу ученици кои станале следбеници на нивното дело.
Благодарение на Кирил и Методиј, словото стана сила што ги обедини народите, тие не создадоа само азбука туку и пат кон духовно будење.
,,Весела азбучна авантура " е темата со која децата од објект "Црвенкапа" под водство на воспитувач Лидија Малинковска го одбележаа Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Преку игра, истражување и креативност децата од големата група - идни првачиња патуваваа низ светот на буквите.
24 МАЈ
Свети Кирил и Методиј
празникот го славиме,
на просветителите за азбуката
од срце им благодариме.
Пред нивната биста
со цвеќе во рака стоиме,
за нивното дело
да им се поклониме.