20/05/2021
Во дворот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, по повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески, вчера сe одржа тркалезна маса „Разговори со Конески“.
„Лично јас како матурантка и личност која исклучително го цени творештвото на Блаже Конески, можам да кажам дека сум почестена што присуствував на овој настан. Уживав во секој дел и во секој искажан збор. Професорите од Филолошкиот факултет имале прекрасни доживувања со Конески, тие ја имале таа чест да водат најразлични разговори со него. Токму затоа името на настанот беше ,,Разговори со Конески’’ - сподели Анастасија Златковска, матурантка од нашето училиште.
Дополнително, учениците ја посетија и спомен собата на Крсте Мисирков која се наоѓа во Институтот на македонски јазик.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, директорката на Институтот „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујовска, професорите Вера Антиќ, Људмил Спасов и Благица Петковска, како и професорката Билјана Костова заедно со матуранти од нашето училиште.