27/08/2026
Проф. д-р Јасмина Поповска учествуваше на XXV Меѓународен конгрес за византиски студии, кој се одржува на Универзитетот во Виена од 24 до 29 август 2026 година.
Во рамките на тематската сесија „Cultural Cross-References in Late Byzantine Literature“, таа го презентираше трудот „Practical Wisdom and Cosmic Order: Plethon’s Reinterpretation of Phronesis in a Cross-Cultural Horizon“, посветен на преобразувањето на поимот phronesis кај доцновизантискиот филозоф Плитон и на вкрстувањето на античките, неоплатонистичките, византиските и ренесансните мисловни традиции.
На Конгресот проф. Поповска учествуваше како претставник на Институтот за филозофија, но и во својство на раководителка на Секцијата за филозофија при Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија.
Македонската византологија на овој значаен светски собир беше претставена со делегација од 18 професори и истражувачи. За македонските учесници беше приреден и прием во Амбасадата на Република Северна Македонија во Виена.