05/05/2022
Димитар Пандев
Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје
5 мај 2022
ОД УСОГЛАСЕНА АЗБУКА ДО ЛИТЕРАТУРЕН ЈАЗИК или:
КАКО СТАНА ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА АЗБУКА – ДЕН НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Македонија не е само богата јазична територија туку и плодна азбучна почва. Во Македонија се зафатила глаголицата, уште во она време што во науката се нарекува Кирило-Методиево, па и самата наука – кирилометодиевистика; овде се култивирала старословенската кирилица и тоа во органска врска со облата глаголица, позната во науката како македонска; оваа земја била поприште на кое се вкрстувале војски и цивилизации, но и јазици и писма, со кои колку толку се бележела македонската реч паралелно со туѓата, исто како и туѓата реч се бележела со македонските букви. И, се разбира, сето тоа нам ни e познато благодарение на бележените текстови со сите тие азбуки, чијашто основна цел била и долго време останала службата, пред сѐ, црковната, онаа што се нарекува уште и литургија, но и миса, но сепак служба, во онаа смисла во која овој збор во различни контексти добивал поинакви значења, од кои секако најзначајно е она во лозунгот: Во служба на народот.
Го сфатиле тоа уште во она време учениците на свети Кирил и Методиј, пред сѐ, Климент Охридски, исто како што го сфатила тоа и свитата цар Самуилова, верна на црквата свети Климентова но и на азбуката глаголичка, и во црковните ракописи од тоа време, имено во евангелието но и во полезните книги за народот, како што е требникот, внесувала малку по малку и по некој тајнопис од македонските поверија, но и од традицијата што се создала во времето меѓу свети Климент Охридски и цар Самуил, имено меѓу основањето на школството и организирањето на државноста во Македонија, меѓу еднo јазикотворечко и едно државнотворечко време. Така, ако се задлабочиме во текстот на Асемановото евангелие од XI век, меѓу редови ќе го прочитаме односот меѓу деновите во кои се служи НАРОЧНА СЛУЖБА, а тоа се деновите на светите Кирил и Методиј, но и на свети Климент Охридски, и таканаречените ЗЛИ ДНИ, кои така убаво се опишани во македонската средновековна апокрифна литература. А ако не ја знаеме глаголицата, тогаш секако ни останува да им се восхитуваме на уметничките нацрти и облини, кои никого не го оставаат рамнодушен. За подемот на старословенскиот јазик од особено значење е употребата на облата глаголица – тоа идеално чудо од земјата македонска, по која Македонија станува лулка на словенската писменост, но и апокрифната литература која во долг период ќе кореспондира со фолклорната традиција и ќе го изнесе на виделина македонскиот фолклор, запишуван со речиси фонетско писмо, пред сѐ, од браќата Миладиновци, од Mарко Цепенков, како и од голем број други домашни и странски запишувачи.
ѝКој не го знае тоа? – би прашале некои, учителски и политички, во духот на старите ретори од она античко време, кога малкумина знаеле писмо, а писмознајбата била строго контролирана вештина.
За нас сега е важно дека тоа го знаеле членовите на Комисијата пред која веднаш по ослободувањето на главниот град на Македонија, тогаш највисокиот државен орган, Президиумот на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) им ја доверил задачата да поднесат предлог за азбуката и правописот.
Да прецизираме, задачата ја доверила народната власт во чии ингеренции биле споени ингеренциите што во мирновременски услови ја вршат Собрание и Влада и претседател на држава, а низ македонската земја сѐ уште ќе промарширале туѓи војски и воени машинерии, независно дали биле само на заминување или во главите уште им се вртела некоја злокобна мисла.
Задачата, пак, им била доверена на – и била прифатена од –филолошки, но и филозофски најобразованите Македонци во тоа време, независно каде го стекнале своето образование, и независно од нивната возраст. А и времето било такво, на иста маса да можат веќе да седнат и старите и новите кадри, секој со своите знајби, но и со различни погледи и ставови, со оптовареност од старата школовка, но и од минатото, со гордо чувство за сето она што го направиле нивните претходници по перо на земјата македонска, од светите Кирил и Методиј Солунски и светите Климент и Наум Охридски па сѐ до македонските писатели од 19 век и првата половина на 20 век, од Крчовски и Пејчиновиќ до Рацин и Неделковски, или сето тоа накусо и поинаку кажано, од аспект на писмото и правописот, од облата глаголите со која се истакнувале нарочните служби во охридската црква и злите дни на деволските земјоделци до песните за маките на тутуноберачите и прогласите за повик на антифашистичка борба против окупаторот на земјата македонска.
И тие дискусии се провлекувале на повеќе седници, кои биле вистински филолошки научни средби меѓу членовите и на првата, но и на втората комисија, сѐ додека не се искристализирале јасно ставовите за македонскиот јазик, имено за неговата дијалектна основа, за неговата граматика и лексика, зашто сето тоа требало да најде одраз во азбуката, а со самото тоа и во правописот.
Со други зборови, откако била разгледана сета македонска писмена традиција, се отворил патот за иднината на македонскиот јазик. На своите завршни состаноци членовите на Комисијата во еден дух постигнаа разбирање по сите прашања за јазичните форми и нивното правописно бележење. Со други зборови, биле разгледани сите јазични форми, со особено внимание на клучните особености на македонската граматика, како што се употребата на членот, на кратките заменски форми, на глаголските групи и, особено, на глаголските парадигми, зашто некои од овие особености се својство само на македонскиот јазик. Во текот на најжестоките расправи за идејно решение на македонската азбука и правопис се појавиле дури и мислења дека ќе ни требала помош од надвор, но како и во други пригоди, до решението се дошло со сопствени сили.
Не е за пренебрегнување, од историска дистанца, дека овие расправи се водени во текот на сето функционирање на АСНОМ како највисоко тело во Демократска федерална Македонија, а дека едно од првите решенија што ги усвоила Народната влада на Федерална Република Македонија, како рамноправна членка на југословенсклата федерација, е токму решението за азбуката на македонскиот јазик.
Сите овие документи не само што веднаш стапила на сила, туку станаа и дејствени, на нив веќе се објавуваа весници и списанија и интензивно почна да се создава младата македонска уметничка литература, да се опева револуцијата и минатото, но и да се актуализира сегашноста. Јазикот најде свое место во образованието и во културата, во науката и уметноста, особено во театарската. Говорениот јазик ја зацврсти своја правоговорна норма, благодарение на писмената фиксација, стана јазик на радиото. И сето тоа се постигна за еден мошне кус период.
Азбуката не остана само на хартија. Не го велам ова случајно, зашто им се случило тоа на многу други јазици, особено во времето на Мисирков, кој успеа да се оддели од проекти со кои панславизмот веќе беше исцрпен особено пред налетот на новите војни и револуции на почетокот на 20 век. А со профункционирањето на македонската азбука и усвоената правописна и правоговорна норма одново во дејство беше ставена сета македонска претходна литература, беше обновен изворот на македонската јазична матица. Систематизираната азбука и регулираниот правопис го понесоа товарот на традицијата, оној баласт од кои далеку покултурни народи искажувале отпор кон јазичната и азбучната иновација.
Имено, денот кога се прогласи за дејствена македонска азбука, 5 мај 1945 година, ги спои традицијата и иднината. Меѓу првите текстови од ова време во весникот „Нова Mакедонија“ се и текстовите посветени на Кирил и Методиј, зашто бездруго знаете тие се објавени на 24 мај 1945, а автор на текстот е токму Блаже Конески, кој го имал и главниот збор при конечното оформување на современата азбука. Во овој негов текст насловен „Споменот за Кирил и Методиј во новата историја на македонскиот јазик“, тој меѓу другото вели: „Без национална гордост празен е животот на народот и скован е полетот негов.“ Во оваа мисла, која не би ја запомниле ако не ја прочитаме барем најмалку два-три пати вложена е сета историја на моќните држави и сиот фолклор на народите со високо издигната национална свест.
Во Комисијата Конески не беше сам, беше со соработници со кои уште долго ќе дејствува на полето на македонскиот јазик и на македонската литература, на Универзитеторт, во Друштвото на писателите на Македонија, во радиото, а со некои од нив се вложи и во основите на МАНУ.
Не знам дали денес го живееме она време што е претставено во „О Писменех“ на Црноризец Храбар, зашто историјата знаела да се повтори, ако не си ја совладал најдобро, но исто како и во тоа време ние точно знаеме кои се како, што ќе рече Партениј Зографски“, а потем многумина ќе му ја повторуваат метафората, „виновниците“ за македонската азбука.
Ќе си дозволам да ги спомнам во оваа пригода прво оние со кои сум поминал доста време на полето на јазикот и на литературата, како Блаже Конески, Мирко Павловски, Васил Иљоски, но и Крум Тошев и Владо Малески. И упорно сум ги проучувал животот и делата и на другите членови на Комисијата што ја достави Резолуцијата за азбука и правопис, како Киро Хаџивасилев, Густав Влахов, Венко Марковски, Илија Топаловски.
И за секого од нив можам уште со часови да говорам и книги да пишувам, но го оставам за некоја друга пригода.
Конески, Павловски, Иљоски и Тошев активно се вклучија во универзитската настава по македонски јазик и литература на УКИМ. Во подемот на македонската литература им се придружи Владо Малески, кој е заслужен и за македонските електронски медиуми, онака како што Киро Хаџивасилев е заслужен за печатените.
Тие го извршија својот долг на денот чијашто симболика самите ја осмислија, како што ја осмислија и македонската азбука, го освежија македонскиот медиумски простор и ни овозможија Денот на македонската азбука да го прераснеме во Ден на македонскиот јазик.
Денот на македонската азбука стана ден на македонскиот јазик со подемот на македонската литература и култура, со јасната свест на македонските зборувачи за употребата на македонскиот јазик во сите сфери на јавната комуникација.