Центарот за ран детски развој - Прилеп е еден од многуте центри од ваков тип кој што со помош на УНИЦЕФ и Локалната самоуправа од 01.07. 2016 година почнува да функционира во просториите на помошната зграда на Општина Прилеп во урбаната заедница Тризла.
Што се центри за ран детски развој?
Центритe за ран детски развој се предучилишни установи, кои му помагаат на вашето дете да добие добра основа за понатамошен успех во училиштето и во животот воопшто. Во центарот детето учи низ игра, според програма приспособена на неговата возраст и неговите интереси. Центарот за ран детски развој е безбедно место во кое вашето дете учи и игра со свои врсници. Секојдневно играјќи во центарот, вашето дете може да научи многу работи кои ќе му помогнат да успее во училиштето.
Која е нашата визија?
Сите деца се успешни во училиштето ако во раното детство започнат да учат на разни начини низ игра. Играта во раното детство е најдобра основа за успех во училиштето. Кај децата играта развива многу вештини кои се потребни за читање, пишување, логично размислување, раскажување и добро однесување со врсниците и возрасните.
Која е нашата мисија?
Да им понудиме на сите деца можност за рано учење во амбиент кој нуди многу забава, при што ќе се препознае важноста на родителите како нивни први и најважни учители.
Зошто вашето дете треба да посетува центар за ран детски развој?
Децата се „родени за да учат“, а во периодот на првите пет години тие учат најбрзо и најмногу. Колку што порано се поттикнуваат да учат, толку подобро ќе бидат подготвени за на училиште, но и за животот воопшто. Децата кои посетуваат предучилишна установа побрзо учат да читаат, пишуваат и полесно ја совладуваат програмaта во училиштето.
Како ќе го постигнат тоа во центарот за ран детски развој?
Широко искуство
Програмата во центарот ја препознава потребата на децата за игра, движење и дружење. Програмата ќе му обезбеди на вашето дете повеќе видови искуства во текот на раното учење и ќе му помогне да учи и да се развива во сите области.