17/02/2026
Македонски бронзи, во науката познати како „Пајонски“ или „Македонски бронзи“
Темата за тоа дека Пајонците го прават над 80% од етничкиот субстрат на античките Македонци не е за прв пат изнесена во научната јавност. Една мала плејада на експерти се занимаваат со оваа тематика, но нивните истражувања се чини како да не излегуваат од строгите научни кулоари и не стигнуваат пошироко до луѓето.
Праисториските погребувања од Кутлеш, Пајонската свештеничка, маските од Требениште, Синдос и Архонтико, богатите погребувања од Корошишта, менадата од Тетово се само мал дел од артефактите кои се откриени, а им се припишуваат на Пајонците.
Историските извори со галопирачка брзина не враќаат наназад со векови, се до времето на Хомеровата Илијада каде за првпат се споменуваат криволаките Пајонци и нивната храбра коњаница во одбраната на Троја. Археолошките записи и мноштвото на откриени артефакти откриваат дека на територијата на етничка (обединета) Македонија во периодот на железното време (10-6 век п.н.е.) а и подоцна, биле населени повеќе Пајонски племиња во историските извори споменати како: Сиропајонци, Енхелеи, Лајаи, Агријани, Дерони, Пелагонци, Астраи, Крестонци, Едони, Синти...
Пајонците се познати во науката и според предметите кои им се припишуваат, детерминирани како ‘Македонски бронзи‘. Се работи за група на бронзени артефакти од периодот на железното време именувани според територијата на нивната распространетост, а предметите се поделени според стилските и типолошки карактеристики како накит за раце, за гради и за глава, појасни гарнитури, а како посебна група се издвоени култните бронзи. Овие т.н. Македонски брозни поистоветени со Пајонците се детермината според која може да се следи нивната активност, живеење и духовен свет во еден долг континуум, особено на територијата на Македонија.