27/05/2026
📍На 20 мај 2026 година, Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ја одржа 9тата Меѓународна научна конференција ISCTBL 2026 – „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век“.
Оваа година, конференцијата ја отвори темата:
„Од дестинација до искуство: Поврзување на туризмот, технологијата и логистиката за поконкурентна Северна Македонија“
Покрај презентацијата на научни трудови, посебен акцент беше ставен на панел-дискусијата, преку која науката, практиката и реалниот сектор се поврзаа во една заедничка дискусија за иднината на туризмот.
Во панел-дискусијата учествуваа Александар Христов од Grizzly Igloos, Ѓорѓи Камов од Kajak.mk и Трајче Здравков од Центарот за развој на Источен плански регион. Панелистите споделија искуства кои покажаа дека современиот туризам не се гради само со убави дестинации, туку со храброст, иницијатива, дигитална видливост, соработка и јасна визија.
Александар Христов од Grizzly Igloos and Mountain Center ја истакна важноста на практиката за студентите и младите луѓе. Неговата порака беше дека успехот започнува кога ќе се направи првиот чекор — да се проба, да се згреши, да се научи и повторно да се продолжи. Дополнително, ја нагласи и улогата на професорите и академската заедница во носењето промени, особено преку освежување на стратегиите за развој на туризмот и нивно усогласување со современите трендови.
Ѓорѓи Камов од Kajak.mk посочи дека С. Македонија има огромен туристички потенцијал и дека нашата земја е вистински „hidden gem“ кој треба посилно да се промовира и препознае во и надвор од границите. Преку дигитална видливост, автентични искуства и современи платформи, македонските дестинации можат да станат подостапни и попривлечни за домашните и странските туристи.
Трајче Здравков од Centre for Development of the EPR - Центар за развој на ИПР ја потенцираше важноста на координацијата и заедничкото делување меѓу институциите, општините, реалниот сектор и академската заедница. Тој истакна дека туризмот е гранка која директно и индиректно поврзува повеќе сектори и може да биде важен двигател на регионалниот развој.
Конференцијата уште еднаш покажа дека ФТБЛ е на вистинскиот пат — преку студиски програми, истражувања, практична соработка и отворен дијалог со секторот.
Благодарност до сите автори, панелисти, професори, студенти, гости и учесници кои ја збогатија ISCTBL 2026 со своето присуство, идеи и придонес.
Повеќе инфо на линк: https://youtu.be/FDGJCt1yWeg?si=frny6Ae21vFagHNg
#ФТБЛ #УГД #Туризам #БизнисЛогистика #𝐈𝐧𝐭𝐞𝐫𝐧𝐚𝐭𝐢𝐨𝐧𝐚𝐥𝐂𝐨𝐧𝐟𝐞𝐫𝐞𝐧𝐜𝐞