25/05/2026
Со финалната изложба реализирана во дворот на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ - Битола, успешно заврши проектот „Локално време: работилница за млади за нематеријално културно наследство“, реализиран од Македонското студентско етнолошко друштво со поддршка од Министерството за култура и туризам, како проект од национален интерес за 2026 година.
Во текот на изминатите месеци, учениците заедно со авторките и менторки на проектот, Душица Брачиќ и Ангела Грозданов, работеа на истражување на секојдневието како дел од нематеријалното културно наследство. Наместо културното наследство да се гледа само како нешто старо, далечно и музејско, работилницата отвори простор за размислување за сегашноста: навиките, предметите, звуците, местата, рутините и малите ситуации што често ги сметаме за „премногу обични“ за да бидат важни.
Преку антрополошки методи како теренско набљудување, разговори, водење теренски белешки и фотодокументација, учениците имаа можност да го истражуваат сопственото средношколско искуство и прашањето: „Како ја носиме Горната дома?“. Во рамките на работилницата беа реализирани активности во битолската чаршија, посети на занаетчии, интерактивни вежби, изработка на печати, музејски легенди и архивски материјали, кои подоцна прераснаа во дела претставени на изложбата.
Финалната поставка беше замислена како „жива архива“, односно простор каде посетителите беа и активни учесници. Така, покрај ученичките дела, изложбата содржеше интерактивни елементи: архивски папки, празни музејски легенди, простор за да се напишат писма „до себе за 5 години“, како и простор каде посетителите оставаа свои траги и размислувања.
Особено сме благодарни на учениците за нивната отвореност, креативност и искреност во процесот, како и на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ - Битола за соработката, поддршката и просторот што ни беше овозможен. Благодарност и до сите професори, соработници, занаетчии и посетители кои придонесоа проектот да стане простор за заедничко размислување за секојдневието, младоста и културното наследство што се создава токму во сегашноста.