04/01/2026
Здраво! Јас сум Наташа, IBCLC - меѓународно сертифициран консултант за доење и лактација.
Самата сум мајка на две дечиња, и она што навистина ми беше предизвик беше недостатокот од конкретни основани информации, како и недостатокот од вистинска поддршка. Тоа ме инспирираше да се посветам на учење, растење и помагање на другите.
Со многу труд, посветеност и љубов, во 2020 година го создадов брендот „Доење со љубов“ – сега препознатлив и доверлив бренд кој нуди љубезна, професионална поддршка за доење за семејствата и тоа на англиски, германски и македонски јазик - сѐ со цел да се чувствуваат слушнати, охрабрени и поддржани!
Овој простор постои за да нуди проверени информации за доењето – не само како начин на исхрана, туку како поврзување, утеха и начин на изразување љубов.
Имам две многу различни, но длабоко значајни лични искуства со доење – полни со предизвици, сомнежи, љубов и раст. Моите деца ме научија дека нема две исти приказни – и тоа ме наведе да ја продолжам формалната едукација за да им служам подобро на другите семејства.
Во февруари 2021 година, станав сертифициран специјалист за доење (CBS). Потоа во јануари 2022 година станав и Лидер на La Leche League.
Во септември 2025 година, после повеќе од 200 часа специјализирана обука за лактација, и преку 1500 часови работа со семејства, се стекнав со лиценца за работа како IBCLC - international board certified lactation consultant.
Од 2021 година сум еден од главните организатори на настаните за Светската недела на доењето во С.Македонија со цел промоција на доењето и овозможување едукација за сите и од светски експерти од оваа област.
Неколку интересни факти за мене:
– јас сум и магистер градежен инженер;
– сакам да плетам;
– имам мала, но растечка колекција на винил плочи со класична музика, и уживам во мирниот ритуал на нивно слушање;
– Шопен ми е како сродна душа во паралелен универзум;
– за мене, музиката и доењето се најуниверзалните форми на љубов;
– свирам пијано уште од детството и им предавам на деца во музичко училиште – тоа ми е втора голема љубов по мајчинството;
– никогаш не сум сретнала мајка од која немам научено нешто нешто ново! 💜
Со љубов,
Наташа Ц. Тодосовска