27/06/2021
Одложен е и овој датум, датумот за свеченото доделување на сведителствата....
Доделувањето сведителства отсекогаш бил најсвечениот ден за учениците во училиштето. Не само заради радоста, гордоста од постигнатите резултати, туку и поради тоа што тоа значи и свеченото отпочнување на летниот распуст кој сите со воодушевување и возбуда го очекуваат. Добивавме и по некоја книга како награда за посебните заслужени успешни и наградени спортски, културни и забавно-едукативни активности.
Едвај го чекавме денот за свеченото доделување на сведителствата кој кај сите деца, основци или средношколци, наставници или родители, баби и дедовци беше ден на сеопшта радост, еуфорија, честитки и признанија за успешното завршување на одделението/класот во училиштето.
Наставниците исто овој ден го доживуваа како ден кога активностите и педагошките пиши-преппиши-допиши документации ги привршуваа при крај и конечно може малку да се здивне за да се земе заслужен одмор.
Кога се пишувало сведителство наставникот го одбира најубавото пенкало кое ќе пишува тенко и со многу труд, љубов и време ги пополнува сите потребни информации кои на крајот со својот потпис ја потврдува веродостојноста и оригиналноста. Секогаш се водеше сметка потписот да биде јасен и читлив со име и презиме на оној кој го пишува затоа што тоа е документ не само за постигнати резултати, туку е и спомен...меморија за едно време од најубавиот училишен живот кој никогаш повеќе нема да се врати.
Денес нема сведителства, денес нема свеченост, денес нема радост за завршеното одделение и учебна година. Денес нема да добијат по некој екстра џепарлак од мама и тато, од баба и дедо. Денес на децата не им се објаснети со описните ниту со завршните бројчани оценки на што треба да се посветат летово за да ги подобрат своите знаења, умеења, вештини, вредности и ставови за успешно продолжување во наредното одделение/клас следната нова учебна година.
Им ја земавме и таа мала, нормална радост по завршување на учебната година кога јасно и гласно ќе си го слушнеа своето име и презиме од своите наставници како и со кој просек се поминува во наредното. Зборовите на пофалба изостанаа овој јуни.
Џабе да се поделат во септември, џабе да се поделат и во август. Штетата по детската душа, детските чувства, детските очекувања од своето училиште е веќе направена.
Дефинитивно ние возрасните со нашата неорганизираност, неодговорност им ја правиме најголемата штета по развојот на нивната самодоверба, им го уништуваме чувството за лична вредност, гордост и радост.
Тие се збунети и сеуште не знаат зошто не го добија датумот за свечено доделување на сведителствата за завршено одделение/кла во своето училиште? Им објаснивте? Или , епа нема, овој е крив, оној е крив, не е прашање кој е?
Ама, небитно...ионака небитни се чувствата на нашите најмлади и на оние кои оваа пандемиска учебна година се бореа со себе си, со сите оние кои требаше да им бидат подршка. А, датум и понатаму ќе нема……??
Среќа е голема што колку и да ги претрпаме наставниците со непотребни писанија секаде и секаде и секаде, само колку да се пиши-препиши-допиши-избриши, тие ќе најдат начин ако треба и на одмор ќе ги напишат само за среќа и радост на нивните ученици!!
Затоа што само тие знаат колку сјаат очите на децата кога ги почитувате, охрабрувате и инспирирате. Нема , нема датум!!!!!
Наде Молеровиќ, текстот е авторски