05/01/2026
Со длабока жалост ја примивме веста дека почина нашиот долгогодишен професор Георги Сталев Поповски (1930, Витолиште – 2025, Скопје).
Катедрата за македонска книжевност и култура изразува искрено сочувство до семејството, колегите и блиските на професорот Сталев.
Слава му!
Георги Сталев Поповски беше поет, прозаист, драмски писател, книжевен критичар и преведувач. Се школувал во Белград, Прилеп и Скопје. Со литература започнал да се занимава во 1947 година, а од 1953 година во периодиката објавувал книжевноисториски, теориски и театарски критики.
Целиот свој работен век го помина како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што предаваше современи јужнословенски книжевности. Беше долгогодишен уредник на списанието „Современост“, еден од првите членови на Македонскиот П.Е.Н. центар и на Друштвото на писателите на Македонија (1956). Во периодот од 1978 до 1982 година ја извршуваше функцијата министер за култура, а во 1983 година беше координатор на школскиот систем за македонските иселеници во Сиднеј, Австралија.
Добитник е на бројни високи награди и признанија, меѓу кои државните награди за животно дело „11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „13 Ноември“, наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика (двапати), „Златен лавров венец“ за драмски текст на фестивалот МЕС – Сараево (1972), како и наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за препев и книжевен превод.
Автор е на пет поетски книги, пет драмски текста, два романа, една книга раскази, како и на бројни преводи, препеви и критички есеи. Неговиот изразен усет за ритмика и метрика, како и музичките познавања, го насочија и кон пишување либрета за опери и кон создавање музика за детски претстави.
Георги Сталев Поповски припаѓа на првата повоена генерација македонски писатели и интелектуалци. Со својот богат научен, книжевен и преведувачки опус постави високи стандарди во македонската книжевност и култура и остави трајна трага во дејноста на Филолошкиот факултет како исклучителен професор, книжевен историчар, критичар и преведувач.
Во 2011 година, на иницијатива на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје беше организиран дводневен научен собир посветен на неговиот сестран творечки и научен придонес.
Катедрата за македонска книжевност и култура изразува длабока благодарност за повеќедецениската посветена работа на проф. д-р Георги Сталев Поповски, со која тој даде значаен придонес во наставната и научната дејност на Катедрата, а и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.